По пропуштената можност за договор пред воведувањето на новата вонредна состојба, власта и опозицијата ја продолжуваат јавната дебата и меѓусебните обвинувања околу терминот за одржување на предвремените парламентрани избори. Новонастанатата ситуација со зголемениот број заразени од КОВИД-19, за власта е аргумент плус дека се потребни избори што е можно побрзо заради доброто за заштита на здравјето на граѓаните, а за опозицијата, пак, потврда дека не е време за изборно соочување.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција вчера, истакна дека петти јули е денот кога ќе се одржат парламентарните избори, а дотогаш политичките партии имаат 35 дена на располагање за да се подготват.
Токму заради заштита на здравјето на граѓаните изборите се решение, а датумот за нивното одржување е веќе завршена работа. Тие ќе се случат на 5 јули, за да добиеме најбрзо што може функционално Собрание и политичка Влада. Проблемите што ги предизвикува Наќе Чулев, мора да ги оставиме зад нас, а тоа е можно само со избори. Не е одговорно да ја оставиме државата без Парламент и со техничка Влада во која опозоцијата е настроена деструктивно и само гледа да заработи некаков политички поен. Нема нови аргументи за нови економски мерки и со тоа нема ниту оправдување за барање на нова вонредна состојба, изјави на прес-конференција Заев.
Од друга страна од ВМРО-ДПМНЕ, преку нивниот потпретседател Владо Мисајловски, му реплицираа на Заев, потенцирајќи дека неодговорно е да се зборува за избори и да се лицитира со датуми кога ситуацијата со бројот на позитивни случаји со КОВИД-19 е во пораст.
Ние имаме нова релност во Македонија која Заев ја нарекува нормална реалност, но бројките покажуваат многу различно. Денеска имаме црн понеделник. На ваков ден да се зборува за избори и да се тера кампања е несериозно. Ние сме одговорна партија и ќе се грижиме за здравјето за граѓаните. Би сакал да прашам како Зоран Заев знае дека ќе заврши вонредната состојба сега, како знае дека ова ќе биде последно продолжување на вонредната состојба и дали одлуките се носат политички. Треба да се има малку разум, ако по секоја цена сакаат да одат на избори и да бидат извор на пандемија, ние нема да го дозволиме, истакна Мисајловски.
Претходно, во својство на партиски функционер, министерот за економија Крешник Бектеши, изјави дека ДУИ останува на ставот датумот за избори да се донесе со консензус.
Ставот на ДУИ е конзистентен и принципиелен од почетокот кога се отвори темата за одржување на изборите во јуни или јули. Подготвени сме и наредната недела да одиме на избори, но треба да ги имаме предвид препораките од Комисијата за заразни болести и ситуацијата со бројот на заразени. Принципиелно сме кажале дека датумот треба да се донесе со консензус. ДУИ останува на тој став. Ќе ги следиме препораките на епидемиолозите, а јавноста ќе биде информирана за ставот на партијата или ако има лидерска средба, рече Бектеши.
Вчеравечер вицепремиерот Бујар Османи исто така рече дека потребен е концензус за избори на 5 јули.
Но, ако нема услови за 5 јули дефинитивно избори ќе има на есен, рече во „Click Plus“ Бујар Османи.
Државната изборна комисија, пак, вчера преку соопштение ги демантира информациите дека тие ги почнале подготовките за предвремените парламентарни избори. Единствените активности, кои ДИК ги реализира во моментот се активностите поврзани со нејзиното тековно функционирање, инфомираа од оваа државна институција надлежна за организирање на изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.