Коалициските партнери СДСМ и ДУИ почнаа меѓусебе да си ја префрлаат одговорноста за трагедијата во модуларната болница во Тетово, кога на 8 септември загинаа 14 лица, а 12 беа повредени.

Власите сè уште официјално не ја соопштија причината за несреќата во модуларната ковид-болница во Тетово. Во меѓувеме, додека се чека да се соопштат официналните причини за трагедијата во Тетово, СДСМ и ДУИ преку медиумите си ја префрлаат одговорноста.

Редакцијата на „Дојче веле“ на македонски јазик објави документи во кои се наведува дека општината Тетово и в.д. директорот на Општата болница во Тетово д-р Флорин Бесими бил надложен за ковид-центарот во Тетово. Тој поднесе оставка, за која медиумите подоцна известија дека не е стасана до Министерството за здравство, а МЗ после кажа дека тој 11 години бил вршител на должност директор на болницата во Тетово.

Д-р Бесими е брат на министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Алсат“ пак објави дека надзорот на градбите на модуларните билници не го правела ниту една акредитирана фирма за тоа. Ниту еден јавно објавен документ или склучен тендерски договор од страна на Министерството за труд и социјална политика не посочува дека фирма вршела надзор. Во документот се наведува дека по завршување на постапката дополнително ќе се назначи надзор, но такво нешто понатамошната документација – нема.

Инаку, Според „Планот за еколошки и социјален менџамент“, објавен на веб – страницата на Министерството за труд уште во 2020 година, надлежни за спорведување на проектот се Светска банка и овој ресор. Целата надлежност за контрола на модуларните болници била на општините и на директорите на болниците. Таков е и случајот со модуларната болница во Тетово која пред 13 дена изгоре и одзеде 14 човечки животи.

Директорот на тетовската болницата Флорим Бесими бил задолжен за противпожарната заштита, за редовно одржување на инсталациите како водовод, канализација, струјата и греењето, надлженост која ја дели со општината Тетово и со комунален инспектор. Проверките и евентуалните санации треба да ги плаќа самата болница.

Инаку, обвинителството досега сè уште ги нема утврдено причините за избувнувањето на пожарот.

Во моментов не може да се зборува за конкретни рокови, ниту пак да се прејудицира датумот кога ќе бидат дејствијата завршени, наведоа од Обвинителството.

Според „Планот за еколошки и социјален менаџмент“, локалните власти се надлежни во речиси сите фази од изградба и контрола на модуларните болници, а други технички обврски има и изведувачот, односно фирмата „Брако“ која ги градеше модуларните болници.

Инаку, по ужасната трагедија, поради изгубените животи и прашањето за безбедноста на пациентите болни од Ковид кои се на болничко лекување, оставка поднесе министерот за здравство Венко Филипче како и неговиот заменик Илир Хасани и двајца директори од тетовската болница.

Останува на премиерот Зоран Заев да одлучи дали ќе ја прифати оставката од министерот Филипче, бидејќи рече дека ќе го почека исходот од истрагата за точно да се лоцира одговорноста за загубените животи во Ковид болницата во Тетово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.