По точно три години постојано земање, грабање од граѓаните преку покачени високи даноци, зголемени акцизи за горива кога никој во Европа не го направи тоа, 38.000 нови вработувања во државната администрација само со партиска книшка, рекети на фирми, укинување бенефити и субвенции за студенти, за странски и домашни инвеститори, владата се пофали дека ќе потроши 100 милиони евра за дел од своите граѓани. Само за еден дел, анализира „Вечер“.
Оваа акција на СДСМ и нивната влада се случува непосредно пред избори, вели весникот, додавајќи дека парите се изборен поткуп од државна каса кој ќе биде усмерен кон околу 100.000 граѓани, гласачи, или околу 25-30.000 семејства кои треба послушно да се оддолжат на СДСМ, владата и на Зоран Заев за земените 100 евра.
За СДСМ да победи на изборите а потоа, секако, пак по старо. Високи даноци, наместени тендери, партиски вработувања, заробена полиција, обвинителство и судови, задоцнети или условени субвенции за земјоделците, без субвенции за студентите, грабање од партискиот Фонд за иновации, рекети на фирми и, она што е веќе најавено, трговија со откажување од националниот јазик и историја.
Дали интересот и убедувањето на граѓанинот вредат 100 евра? Можат ли да се купат со тоа?!, прашува „Вечер“.
Како Европската унија, САД и НАТО ќе дозволат очигледен изборен поткуп со државни, буџетски пари а патем да очекуваат граѓаните да имаат доверба во нив, и да се согласат на нивните критериуми. И, најважното, ако еден дел граѓаните земат 100 евра од ова акција, кој ќе ги плати тие пари? Секако не СДСМ и Зоран Заев, ќе ги платат другите граѓани.
Пред само два месеци од минстерката за финансии Нина Ангеловска слушнавме дека владата нема пари за помош на фирмите и вработените кои, по наредба на владата, ги затворија фирмите и останаа без работа. Според министерката Ангеловска буџетот беше во дупка 1,3 милијради евра, а според шефот на СДСМ Зоран Заев буџетката дупка е 2,2 милијарди евра. Ода каде сега, одеднаш, по само два месеци 100 милиони евра вишок кај владата и тоа непосредно пред избори? Или јавноста ја лажеле тогаш, или ја лажат сега или – лажат и во двата случаи со цел по секоја цена да се добијат изборите а потоа, по изборите, ќе им ја достават сметката на граѓаните, коментира медиумот.
Владата минатата недела изврши ребаланс на буџетот кој го стокми за поткуп на избори. Од почеток на годинава дефицитот во буџетот е околу 200 милиони евра. Во новиот буџет износот за категорија “останати трансфери“ се покачи од досегашните 300 милиони евра, на нови 450 милиони евра. Значи, за поткуп на изборите планирани се нови – 150 милиони евра. Ако акцијата на СДСМ за изборен поткуп со плаќање на дел од граѓаните е 100 милиони евра, каде се остатокот од 50 милиони евра за “останати трансфери“?
Кој ќе добие пари, а кој и колку ќе мора да враќа веднаш по изборите.
Во кризава Македонија не успеа да добие доверба од никого кој би и дал кредит. Доби само 170 милиони евра од посебен фонд на ММФ. Наместо тие пари да одат за санција на загубите на фирмите и враќање на невработените кои останаа без работа само заради одлуки, уредби на владата, тие пари ќе се трошат за изборен поткуп. Фирмите и невработените поради мерките на владата нема да добијат ништо, освен кредити кои, и онака, можат да ги добијат од секоја комерцијална банка. Владата не им дава ништо. Значи, поткупот за почеток ќе го плаќаат загрозените компании и невработените поради мерките на владата.
Со поткупот од 100 евра за дел од граѓанството опфатени се околу 100.000 лица, или 25-30.000 семејства. Во Македонија има близу 500.000 семејства, што значи дека најмалку 470.000 семејства нема да добијат ништо, а ќе треба да плаќаат со идни повисоки даноци и акцизи затоа што некој таму добил 100 евра за да гласа за СДСМ. Секако, никој не очекува дека тие 100 милиони евра за изборен поткуп ќе се дадат, и – никому ништо, дека тие пари нема никој утре да мора да ги плати за да се вратат во буџетот.
Парите што владата ги зема од ММФ, а тоа е кредит, наместо за санација на штетите од епидемијата ќе завршат за изборен поткуп. Како и секој кредит, тој ќе го враќаат сите граѓани, и тие што добиле и тие што не добиле 100 евра.
Според Изборниот закон, во член 8а, стои дека вакви исплати не се можни и законски се забранети и казниви 60 дена пред избори. Заев и СДСМ инсистираат на избори во Јуни, што веднаш значи дека сегшниот премиер Оливер Спасовки и министерката за финансии Нина Ангеловска прават очигледно кривично дело за кое ќе мора да одговараат. Се работи за голем проневерен износ потрошен за недозволени активности, а се работи и за изборен поткуп. Секако, доколку изборите се случат во наредните 60 дена.
Ако на изборите победи ВМРО ДПМНЕ тоа значи дека Обвинителството и судовите нема веќе да бидат под контрола на СДСМ и одговорноста по службена должност ќе стапи веднаш. Ако, и покрај се, СДСМ состави влада по изборите, одговорноста за нив ќе дојде подоцна бидејќи делото не застарува за четири години. Оливер Спасовски и Нина Ангеловска на крај ќе мора да плаќаат за преамбициозноста на Зоран Заев и нивната партија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.