Македонија е на врвот на листата по починати од коронавирусот во регионот, но СДСМ инсистира на брзи избори надевајќи се на ниска излезност и стравот кој постои кај луѓето да излезат од своите домови, а камоли да се упатат на гласачките места.

Иако и правните експерти, но и спикерот Талат Џафери велат дека тоа е невозможно, власта инсистира на повторно свикување на Собранието.

Така, веќе почнаа да се споменуваат и можни датуми за одржување на изборите – на крајот од јуни или почетокот на јули, иако пред јавноста се инсистира дека здравјето на граѓаните е приоритет. Денеска, пак, и самиот Генерален секретар на партијата, Љубчо Николовски објави дека избори се можни и во време на пандемија, доколку се почитуваат сите протоколи за држење растојание и носење заштитна маска, а митинзи да не се одржуваат.

Изговорот за брзите избори во лето се најавите дека се очекува нов пик наесен. Но, иако до пред три дена министерот за здравство Венко Филипче велеше дека е сигурен оти наесен нè чека нов бран на ковид-19 во земјата, денеска се премисли.

Рече дека не е сигурен, туку дека станува збор само за претпоставка, но битно е земјата да е подготвена.

Дека вирусот ќе ослабне и дека најлошото помина вчера зборуваше и доктор Вело Марковски, кој рече дека никој не може да каже дали вирусот ќе се врати повторно наесен, а ако можеби се врати, не мора да значи дека ќе биде силен како сега.

Она во што и двајцата се согласуваат е дека станува збор за непредвидлива болест, па затоа никој со сигурност не може да тврди дали ќе се врати. Но, во време кога целиот свет е на стенд-бај и се размислува и делува само на здравјето и спасувањето на економијата, од СДСМ се трудат да ја искористат вонредната состојба и се спремни на сè само да останат на власт.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.