Реализацијата на стратешка рамка на Владата „Акција 21 – за европски стандарди дома“ е главниот фокус на Владата предводена од СДСМ во 2021 година, велат од партијата.

Како што додаваат од СДСМ, во „Акција 21“ се опфатени 10 приоритети, секој подеднакво важен за позитивна трансформација на македонското општество.

Прв приоритет е правосудството и негово прочистување со цел обезбедување на силна и ефикасна правна држава која испорачува правда.

Вториот приоритет е бескомпромисна и неселективна борба против корупција, којашто ќе се постигне преку воспоставување на јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни фактори, преку силна политичка волја и мотивација на секој граѓанин.

„Акција 21 – за европски стандарди дома“ , значи и обврзување на силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина. Во таа насока следува засилен ангажман во акцијата за чиста и здрава животна средина.

2021 година ќе биде година на конечно запирање на ширењето на Ковид-19 и санирање на штетите од глобалната криза. Работиме на навремена и брза вакцинација. Во февруари, Република Македонија ги добива првите дози на Фајзер вакцината. Постигнат е директен договор со компанијата, а следните дози од вакцината на „Фајзер“ ќе пристигнат во март и април. Продолжуваат разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ како и преку Ковакс механизмот и се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини.

Во јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на овие вакцини и со тоа македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата.

Преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка, светските и европски стандарди ги носиме дома. Светот сведочи дека ова е една од најдинамичните индустрии во светот и политиката на Владата предводена од СДСМ да ги поддржува компаниите кои влегуваат во овој бизнис кој во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места.

Меѓу десетте приоритети од „Акција 21“ се и спроведување на попис според стандардите на ЕУРОСТАТ, вложувања во енергетиката и инфраструктурата, борбата против лажните вести, реформи во образовниот систем, како и искористување на нови економски потенцијали.

2021 година во којашто треба да се случи позитивен пресврт во нашето општество.

Токму десетте приоритети од „Акција 21 – за европски стандарди дома” и нивното исполнување ќе биде наш мотив да работиме и да продолжиме европските стандарди да ги спроведеме во секој сегмент од нашето секојдневно живеење – велат СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.