Претседателот на собраниската комисија за избори и именувања, Илија Димовски е дециден дека Собранието е единствено надлежно за избор на заменик на Катица Јанева откако таа синоќа доби 30 дена притвор.
И изборот (член 3) и разрешувањето (член 18) на СЈО е регулирано со специјалниот закон и не може и не смее да се применува друг закон. Постапката е строга, зошто и институцијата е значајна. Во двете постапки (и избор и назначување) Собрание на Република Македонија и Комисија за прашања на изборите и именувањата не може, ниту смее да се прескокнат, односно ниту да се разреши СЈО, ниту да се назначи вршител на функцијата СЈО без овие две инстанци во постапката.
Советот на Јавни обвинители во постапката за избор и назначување на СЈО може да постапува само по предлог на Собранието, претходно утврден од Комисијата за избори и именувања, а изгласан со двотретинско и бадинтерово мнозинство. Советот и на Јавни обвинители во постапката за разрешување може да постапува само како предлагач, односно да достави Извештај до Собранието за утврдено незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата СЈО. Конечната одлука во оваа постапка ја носи Собранието на Република Македонија. Се друго е надвор од законите, пишува Димовски на Фејсбук.
Законот за Специјалното јавно обвинителство е јасен. При престанок на мандатот на специјалниот јавен обвинител, новиот се избира според постапката утврдена во членот 3 од Законот. Законите секогаш се толкуваат според целта и намерата на нивното донесување. Нивното произволно толкување од страна на Јовески и на Заев не може да биде посилно од законската норма. Во спротивно нема да чуди ако Советот на јавни обвинители добие задача од Јовески или Заев да изберат и в.д министер за финансии и в.д државен ревизор, како и в.д директор на МКЦ!?, пишува пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Антонио Милошевски на својот Фејсбук профил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.