Клиничкиот центар е проект за кој се зборува веќе 17 години. Од првата недела кога стапив на функцијата кажав дека едно од можните решенија за сите проблеми со кои се соочуваме во здравството е изградбата на новата Универзитетска клиника во Скопје која што ќе биде супституција на постоечката Универзитетска клиника. Таа клиника споена во една градба би придонела во забрзување односно навремено дијагностицирање и третман на пациенти, истакна денеска министерот за здравство Беким Сали, кој рече дека локацијата засега се уште останува Ѓорче Петров, Илинден и уште една трета локација во која има веќе постоечка болница со надградување и проширување на дејноста.

Според него, не значи дека само градбата ќе ги реши сите проблеми, туку организацискиот дел, споеноста на клиниките, соработката односно конзилијарната соработка меѓу клиниките би придонела за навремено дијагностицирање и третман на пациенти.

Имаме реално маки во препраќање од една клиника во друга клиника и мнозина од нас сме се соочиле во некакви околности. Иницирав работна група и од опозиција и од позиција. Во политичкиот дел имаме усогласеност меѓу сите чинители во јавната расправа што сметам дека во минатото била главна пречка за нереализирање на тој проект. Засега можам да кажам дека начелно е надмината таа пречка. Меѓутоа, се уште не сме дојдени во фаза на локација, на износ, на содржина на таа клиника, на величина колку ќе биде, значи димензиите не ги знаеме се уште, а и локациите не ги знаеме сто отсто. Една од опциите е касарната „Илинден“. Три позиции се предмет на дискусија. Која од локациите ќе биде одредена тоа зависи прво, освен политичкиот дел што сметам дека не е главен, ќе биде во делот на катастарските услови – дали може да се гради и за колку би се градела, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на новиот линеарен акцелератор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Размислуваме како работна група, појасни министерот, дека Клиничкиот центар треба да се изгради на локација која овозможува веќе постоечка логистика, да не се гради каде имаме потреба од дополнителни средства да трошиме за оддалеченост што во минатото можеби било и предмет на дискусија, а тоа воглавно било и причина за блокирање на таков еден предлог.

Во техничкиот дел се уште немаме ништо одредено, освен првиот момент кој јас го сметам како најважен да има политичко усогласување за терање на тој проект. Се уште не сме дошле до фаза на ограничување временско до кога мора да се усогласиме. Тоа се сепак претставници од политички партии и внатрепартиски дискусии, можеби треба да се донесе една таква одлука, рече Сали.

Во врска со Законот за новиот Клинички центар, рече дека засега изгледа тој ќе биде повлечен, меѓутоа се уште не донеле финална одлука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.