Премиерот Зоран Заев вели дека е непходно да се направат реформи во основното образование. Дебатата за нив вели е отворена, и ќе се чујат сите кои имаат што да кажат за ова прашање и ќе се вградат во реформите. На таков начин, уверен е премиерот, ќе се дојде до модел кој ќе биде најдобар и во интерес на децата и државата.

-Допрва почнува дебата, таа е заснована на финскиот модел, дебата за реформа која ќе ги намали часовите, а ќе го зголеми периодот на поминување на децата во училиштата во основното образование заради многу социјални општествени, хумани дејности, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по пуштање во употреба на градинка во Ресен.

Најави дека во рамки на дебатата ќе се чујат сите мислења на експертите, на вработените во основното образование, на факултетите кои продуцираат кадри, но, како што рече, најмногу ќе ги слушнеме и родителите и нивното искуство.

-Ќе ги слушнеме сите стручни лица кои со години дебатираат дека се учи со материјал со преголем баласт и непотребни работи. Треба да го фокусираме образованието на тоа што навистина им треба на децата, а дополнително преку социјалните и општествените анимации, дејности и слично ќе го збогатува нивниот репертоар на знаење од општествен карактер, истакна Заев.

Според него, реакциите што деновиве се јавиле во јавноста и на социјалните мрежи се очекувани.

-Јас гледам овие денови на социјалните мрежи реакции. Се работи за голема и сериозна реформа, нешто што допира до иднината на државата, а тоа е, пред се, основното образование за нашите деца. Логично е да се отвори дебата. Наша намера е да ги слушнеме сите, да ги вградиме сите елементи, но и да смогнеме сила и храброст да ги направиме реформите. Ако велевме сите овие години дека едно дете од 7 – 8 години  има по шест или седум часа, тоа е баласт, па правевме анализи што се непотребно се учи, колку тоа му го скратува детскиот дел од денот на детето. Затоа сметаме дека треба да ги отвориме реформите. Топлата вода е измислена по светот и по Европа. Да видиме што е најдобро да примениме тука, рече премиерот Заев.

Тој додаде оти е уверен дека преку дебатата што е отворена ќе биде избран најдобар модел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.