На денешниот редовен 17-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, покрај изборот на претседател на партијата, ќе се донесе и доктрина која ќе биде платформа за идните делувања на партијата. Првата тема во оваа доктрина е како да останат граѓаните во државата, а има теми и од областа на образованието и енергетиката, изјави денеска пред почетокот на Конгресот, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.

На Конгресот ќе учествуваат вкупно 517 делегати, а како што рече Сајкоски, доставена е една кандидатура за претседател, и тоа од страна на Христијан Мицкоски, кој и досега беше на таа функција.

Покрај изборот на претседател на партијата, Конгресот ќе донесе и документ, акт, политички документ или доктрина која ќе биде платформа за идни делувања на ВМРО-ДПМНЕ. По изборот на претседател, на Конгресот ќе биде избран и статутар на Комисија и Комисија за надзор и финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ – рече генералниот секретар на партијата.

Тој посочи дека во партијата се уверени оти од овој Конгрес ќе излезат уште пообединети, уште посилни и ќе донесат нови победи на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија.

Ние гледаме дека изминатиов период државата е во тешка економска, социјална, здравствена но и енергетска криза која што оди на штета на граѓаните, и покрај тоа нема никаква одговорност. Ние ветуваме дека ќе донесеме одговорност, ветуваме дека следниот период ќе се бориме да ја направиме Македонија една подобра држава за живеење- додаде Сајкоски.

Како што рече, во самата доктрина првата тема е како да останат граѓаните тука во нашата држава, да работат, да не одат во странство и да ја гледаат својата иднина тука.

Во доктрината има 16 предвидени теми. Понудени се и нови теми во образованието, каде што викаме дека треба сите заеднички да застанеме и да изградиме нешто ново во орбазованието, образованието да биде посебен столб со консензус од сите политички партии во држава, за нешто да смениме, да подобриме бидејќи образованието е основа на сите процеси во државата. Исто така, имаме понудено и нови проекти за енергетиката, но и други теми – додаде Сајкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.