Новоизбраниот градоначалник во Студеничани, Азем Садику, кој до победата дојде како кадар на ДПА, денеска соопшти дека преминал во Алијанса за Албанците затоа што, како што нагласи, по победата во првиот изборен круг, лидерот на ДПА Мендух Тачи тргувал со ДУИ за партијата на Ахмети да ја добие општината.
Садику истакна дека дури ја знае и цената за која требало тоа да биде направено, пишува „Коха“.
Најнапред сакам да истакнам дека бев член на ДПА, бев кандидат на таа партија и до крај бев лојален и победив. Но, за жал, кога го добив првиот изборен круг со убедливо водство пред противкандидатот од ДУИ, лидерот на ДПА ме продаде многу евтино, ја знам таа цена. Заедно со ДУИ беа подготвени да ја сменат волјата на граѓаните на Студеничани.
Но, наидоа на „клинец“, иако државниот апарат на власта беше силно ангажиран, со поддршка и на безбедносните служби. И покрај нивните напори, само малку успеаја да го зголемат бројот на гласови, но недоволно, зашто ја имав поддршката на избирачите – вели Садику.
Тој објаснува дека последниот контакт со лидерот на ДПА, Мендух Тачи го имал по првиот круг кога, како што вели, Тачи му посакал да победи. Но, потоа не му се јавил и не се виделе, а тој самиот решил да премине во Алијанса за Албанците за што добил поддршка од структурите на партијата во Студеничани.
Aлијанса за Албанците денеска објави дека Садику преминал во нивната партија и објави заедничка фотографија со лидерот и генералниот секретар Зијадин Села и Арбен Таравари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.