Американскиот Стејт департмент оцени дека постои опасност „неоснованите шпекулации за промена на границите на Западен Балкан по етничка линија да поттикнат нестабилност во регионот“ и со тоа „да се повикаат сеќавања на затегнатоста во минатото“.

Неофицијален дипломатски документ, т.н. „нон-пејпер“, веќе некое време кружи меѓу европските функционери, со кој се предлага поделба на Босна и Херцеговина и обединување на Косово и Албанија.

Стабилната, просперитетна иднина на Западен Балкан мора да се заснова на добро управување, владеење на правото, мултиетничка демократија и почитување на човековите права и основните слободи, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Тој додаде дека Вашингтон ги поддржува земјите од Западен Балкан на патот „кон европска интеграција и членство во клучните европски и евро-атлантски институции“.

Соработуваме со западнобалканските земји и нашите европски партнери на унапредување на јавната администрација, владеењето на правото и реформите во борбата против корупцијата – како и на промовирање на независни медиуми и енергични граѓански општества – што ќе ја зајакне европската перспектива на регионот и ќе ја унапреди долгорочната цел за целовита, слободна и мирна Европа, рече Прајс во соопштение.

Тој исто така истакна дека САД се решени да им помогнат на земјите од регионот „да ги продлабочат своите регионални економски партнерства, да ги постигнат климатските цели, да се спротивстават на руското енергетско изнудување преку диверзификација и развој на чиста енергија и да се борат против корупцијата и организираниот криминал“.

Ние исто така сакаме да му помогнеме на регионот да се развива и просперира истовремено заштитувајќи ја стратешка инфраструктура и индустрија од штетни практики на Кина, рече Прајс



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.