Истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера почнаа со првично разгледување на документација за модуларната болница во Тетово добиена од Бирото за јавни набавки и од Министерството за труд и социјална политика.

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска вчера информира дека истражителите почнале со разгледување на документацијата, но нагласи дека засега нема никакви поконкретни сознанија.

Таа потенцира дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е надлежно само во делот на јавната набавка и само ќе се проверува дали се испочитувани процедурите.

Само тоа е наша надлежност, друго не, потенцира Русковска.

 

Таа повтори дека ЈО нема информации кој направил технички прием на болницата, додавајќи дека ја добиле техничката спецификација на англиски јазик и веднаш ја испратиле во Обвинителството во Тетово за да можат со неа да се запознаат експертите од Германија.

Министерот за правда Бојан Маричиќ дека сите институции им се ставени на располагање на германските истражители за да помогнат во истрагата.

Тој нагласи дека сите документи се предадени на надлежните институции и се обезбедени сите предуслови за брза и успешна истрага.

Министерот за здравство Венко Филипче тврди дека модуларната болница била пуштена во употреба откако надлежните потврдиле дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата.

Според Филипче, модуларните болници се концептот што го користи цел свет, зашто овозможиле да се хоспитализираат сите ковид-пациенти и дека и сега има огромен број пациенти кои се лекуваат во ваквите објекти.

Модуларните болници се модел без кој ниту една земја не ќе можеше да ја менаџира кризата. Направивме 700 болнички кревети за помалку од два месеца. Алтернатива на тоа ќе беше италијанското сценарио – луѓето да нема каде да се сместат и да не може да им се помогне. Во ситуација на пандемија само модуларна болница е решение. За модуларната болница во Тетово не известија дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата. Сите потврдија дека се е во најдобар ред, рече Филипче.

Во пожарот во модуларната болница во Тетово, што се случи на 8 септември, починаа 14 лица, а 12 други беа повредни. За целиот случај во тек е истрага што се спроведува со поддршка на експерти од германската Криминалистичка полиција, кои вчера ја почнаа и завршија истрагата на терен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.