Стратешки интерес на нашата држава се членството во НАТО и интеграциите во ЕУ, но нашата земја го почитува традиционалното пријателство со Руската Федерација и соработката во областите од взаемен интерес за граѓаните, како што се економијата и културата, порачал премиерот Заев на средбата со амбасадор на Руската Федерација во Македонија Сергеј Баздникин.

Како што соопштуваат од кабинетот на Заев, на средбата е предадена телеграма со честитки за формирањето на новата Влада, од рускиот премиер Михаил Мишустин, до премиерот Заев и во која се изразени заложби за унапредување на билатералната соработка во иднина.

Оваа Влада има подобри шанси пред себе да го унапреди квалитетот на живот на нашите граѓани, бидејќи се затворени крупните предизвици коишто стоеја на патот на евроатлантските аспирации. Сега се насочуваме како Влада и јас лично, првенствено кон резултати во економијата. На тој пат сме подготвени на принципиелна економска соработка со сите држави – пријатели на нашата земја. Владината коалиција цениме дека е поставена на стабилни основи и во очекуваниот полн четиригодишен мандат нашите цели се подобар животен стандард на граѓаните и реализација на европските перспективи, рече премиерот Заев на средбата со амбасадорот Бездникин.

На состанокот се потврдени заедничките определби за континуитет во трговската размена и економската соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.