Македонија протера руски дипломат – официјална Моска го возвраќа ударот. Откако министерството за надворешни работи прогласи руски дипломат за персона нон грата во земјата и му даде рок од 7 дена да ја напушти Македонија, телевизија 24 ја контактирала руската амбасада.
Од таму велат дека ударот ќе биде возвратен, а засега се разгледуваат опции.
– Амбасадата потврдува дека македонската страна ја донесе ваквата одлука. Руската страна разгледува реципрочен одговор – соопштија од Амбасада на Руската Федерација во Република Македонија.
Идентитетот на рускиот дипломат кој работи во амбасадата на Руската Федерација во земјава не се открива, ниту пак причините поради кои е прогласен за непожелна личност во Македонија. Шефот на државата Стево Пендаровски денеска изјави дека е запознаен со ситуацијата, но остана воздржан за поконкретни одговори.
– Тоа се секогаш сензитивни работи за објаснување, околу причините. Информиран сум за тоа од пред неколку дена, како и другите надлежни. Од она што го видов случајот беше од надлежните институции документиран, значи не стануваше збор за импровизација. И тоа поради природата на работата не можам понатаму да го коментирам. – изјави Стево Пендаровски претседател на РСМ.
Порталот „Алмакос“, повикувајки се на дипломатски извори објави дека причината за протерувањето на дипломатот од Македонија се активности кои не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин, а Македонија, во случајот, покажува будност во зачувувањето на својот суверенитет од руското однесување. Од МНР денеска испратија само кратко соопштение без детали:
– На 14 мај 2021 година, во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската федерација, при што беше врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Македонија во рок од седум дена. – велат од МНР.
Ова е втор случај како Македонија протерува руски дипломат. Првиот случај беше во 2018 година по скандалот со труењето на Сергеј Скрипал во Велика Британија, а одлуката беше донесена во знак на солидарност со Велика Британија, САД и ЕУ.
Инаку голем дел од европските земји во изминатиот период протераа руски дипломати, а како причина наведоа дека дипломатите од Русија го користеле дипломатскиот имунитет за шпионирање.
Во месец април, Чешка протера 18 руски дипломати поради поврзаност со експлозија во 2014 година.Бугарија, Романија, Полска како и балтичките земји исто така протераа дипломати од Русија изминатиот месец. Официјална Москва веднаш врати на ист начин, а пред неколку денови Руската влада официјално ги означи Чешка и САД како непријателски земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.