Бугарскиот претседател Румен Радев испрати честитка до Стево Пендаровски, по повод неговата победа на претседателските избори во Република Македонија, јави БГНЕС.

Радев му посака успех и храброст на новоизбраниот претседател во период, како што наведе, во кој на Македонија и претстои да исполни важни задачи на патот за членство во Европската Унија и НАТО.

Радев нагласи дека Бугарија останува конзистентен поддржувач на европерспективите на Македонија.

Договорот за пријателство и добрососедство и соработката меѓу нашите две земји го отвара патот кон постигнувањето на тој наш заеднички приоритет, стои во писмото на бугарскиот претседател.

Радев истакна дека Бугарија очекува лидерство на новиот претседател на Македонија, не само во однос на реализација на заложбите во клаузулите на Договорот, туку и за вградување на неговиот дух во основата на идните односи меѓу двете земји.

Потенцирајќи ја историската блискост меѓу Република Бугарија и Република Македонија изразувам надеж дека ќе продолжиме да ја развиваме преку полезни контакти меѓу нашите претседателски кабинети. Се надевам дека наскоро ќе оствариме средба, се наведува во писмото на Радев до Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.