Германија ќе остане силен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Иако нашето претседавање ќе биде под големо влијание на КОВИД-19, Западен Балкан ќе остане многу важно прашање за време на германското претседателство, рече германскиот државен министер за Европа Михаел Рот за време на денешната онлајн панел дискусија со министерот за надворешни работи Никола Димитров и албанскиот министер Гент Цакај.

Рот порача дека Македонија и Албанија мора да продолжат со реформите и да ги забрзаат.

Интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, според него, е вин-вин ситуација, од која бенефит ќе имаат двете страни.

Сите треба да работиме заедно. Членките на ЕУ треба да дадат согласност за преговарачката рамка базирана на новата методологија, а многу е важно двете земји да продолжат со реформите и да ги забрзаат. Некои членки на ЕУ ја потценуваат круцијалната улога на Западен Балкан за мир, стабилност и просперитет за сите. Тоа е вин – вин ситуација, не само за Западен Балкан, туку и за ЕУ, потенцира Рот.

Според државниот министер, покрај демократијата и мигрантите, Германија за време на претседателството во однос на Западен Балкан фокусот ќе го стави и на младите. Мора, како што објасни Рот, да се обезбеди квалитетно школство, зашто само со добро образовани млади луѓе земјите може да имаат квалитетна иднина.

Во овој контекст најави конференција за октомври или ноември со земјите од Западен Балкан која, напомена, во центарот на дијалогот ќе ги стави младите и нивните перспективи.

Панелот насловен „Што значи почетокот на пристапните преговори за Албанија и Македонија?“ почна во 17 часот попладнево, а го организира Фондацијата Фридрих Еберт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.