Лидерите на Европската Унија ќе можат да ја обноват својата гаранција за идно членство на шесте балкански земји во среда на самитот во Словенија, откако амбасадорите на ЕУ ги надминале поделбите, соопштиле двајца официјални претставници на ЕУ.

По неколку недели несогласување околу формулацијата на декларацијата за самитот во среда на лидерите на ЕУ и Балканот, претставниците од 27 држави на ЕУ постигнаа договор за повторно потврдување на нивната недвосмислена поддршка за европска перспектива – вели официјален претставник за Ројтерс.

Агенцијата Ројтерс на 28 септември објави дека ќорсокакот околу декларацијата се гледа како одраз на недостатокот на ентузијазам во главните градови на ЕУ за внесување на Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и  Македонија во блокот.

Друг претставник на ЕУ вели дека иако сега има договор за декларација на самитот, стратегијата на ЕУ за проширување на заедницата кон југоисток се соочила со пречки, дури и ако официјално вратата е отворена за оние што ги исполнуваат критериумите за членство.

Не можам да кажам дека се’ е во ред. Се разбира, има многу прашања, но исто така не можете да кажете дека вратата е затворена – вели официјалниот претставник, истакнувајќи ја неволноста кај некои земји -членки да видат понатамошно проширување на блокот.

Според нацртот во кој имал увид Ројтерс, државите на ЕУ одбиле да ги откријат своите позиции на преговорите за декларацијата на самитот, иако Словенија, која претседава со ЕУ, се обидела да вклучи обврска што блокот ќе ја преземе за шесте балкански држави до 2030 година.

Вториот претставник на ЕУ вели дека тоа не било успешно.

Според Ројтерс, богатите северни земји се плашат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година и од лошо управуваната миграција на работниците од Источна Европа во Британија, што сврте многу Британци против ЕУ.

Од Ројтерс коментираат дека Бугарија е против пристапување на Македонија поради јазичен спор, што значи дека дури и со одобрување на декларацијата на самитот, дипломатите не очекуваат напредок наскоро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.