Ако има ученик позитивен на ковид-19, не оди во изолација цело одделение, туку учениците со кои бил во непосреден контакт и ученици кои не носеле заштитна маска. Ако се потврди дека ученик е заболен од ковид-19, училиштето ја известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје во општината каде што се наоѓа училиштето. Епидемилогот прави анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале и потоа се носи одлука за излолација.
По пауза од 54 недели, на први септември годинава учениците во Македонија се вратија во училишните клупи. Со враќањето во училиштата, се врати и радоста кај учениците, но се зголеми стравот на родителите околу ширењето на заразата со ковид-19, посебно што во почетокот на септември, бројките на новоразени и починати од ковид-19 беа во постојан раст.
Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека вчера бројот на позитивни ученици во училиште е 0,01, што значи дека се помалку новозаразени во споредба со понеделникот.
Досега немаме индикација дека наставниот модел треба да се менува, но во моментот кога ќе добиеме индикација за промена на моделот ние сме спремни така да постапиме, изјави денеска Царовска.
Таа вели дека наша обврска во период на пандемија е да преживееме, но исто толкава е обврска на учениците да се стекнат со знаење и вештини, кои ќе им помогнат да живеат и работат во иднина.
Но, што се случува кога во едно одделение или еден клас во средно училиште е пријавен случај на ковид-19? Како тоа изгледа во реалност?
Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале и потоа се носи одлука дали сите ученици во одделението ќе заминат во изолација и ќе продолжат со настава на далечина.
И тука настанува збунетост, кој ќе оди во изолација? Тој што седел со позитивниот ученик, тој пред него, тој зад него, цела редица или само тие што не носеле заштитини маски? Има разни искуства околу решенијата за изолација во училиштата. Некаде одат само неколкумина, некаде родителите не ги пуштаат децата кога ќе слушнат дека има ученик кој е позитивен на ковид-19, некаде цело одделение. Најчесто се свикува родителска средба на која се информираат родителите за состојбата во одделението.
Не оди цел клас или одделение во изолација. Епдемиолозите прават проценка кои ученици биле во непосреден контакт со заразениот ученик, деца со кои се дружи, лица кои не носеле заштитна маска. Епидемиолозите прават анкета со заразениот и врз основа на таа анкета се дава мислење за изолација на детето. Ако родителите на детето не се вакцинирани тогаш и тие добиваат решенија за изолација. Но, ако имаат примено две дози на вакцина против ковид-19 и ако поминале 14 дена од втората доза, тогаш за нив нема решение, изјави за „Република“ д-р Бесим Зеќиери, директор на Центарот за јавно здравје Скопје.
Не е јасно утврдено што да прават оние родители чие дете е помало од 10 години, добило решение за изолација, а родителите му се вакцинирани и мора да одат на работа.
Секое училиште треба да има координатор, тоа најчесто е педагог или психолог. Тие се задолжени да го известуваат општинскиот епидемиолог за секој нов случај на ковид-19. Испраќаат извештаи и потоа ги очекуваат насоките според епидемиолошките анкети, колкумина од децата треба да одат во изолација и наставата да продолжат да ја следат онлајн.
Царовска вчера рече дека МОН не издава решенија за изолација.
Токму затоа јас како министер не можам да комуницирам бројка на изолирани. Можам да кажам дека во основно образование процентот на ученици кои се со онлајн учење е 2 проценти од различни причини, медицински и немедицински, додека во средно образование, затоа што знаете дека четири општини одеа со онлајн учење во првата недела, сега и втората недела во Тетово и Гостивар останува со онлајн учење, токму затоа имаме околу 7 проценти ученици во средно образование, изјави Царовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.