Се укинува мерката за ослободување од работни обврски за хорнично болни лица, за родителите на деца до десетгодишна возраст, а се укинува и продолженото породилно отсуство. Укинувањето на мерката ќе важи од 23 септември, одлучи денеска Владата.

Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на влошување и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување, информираат од Владата.

Од 23 септември на работа да се вратат и лицата кои се ослободени од работа врз основа на користење на продолжено породилно отсуство. Останатите вработени лица кои во моментот се оправдано отсутни од работа поради користење на редовно породилно отсуство, истите да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство.

Родителите чии деца се до шестгодишна возраст, почнувајќи од 23 септември, да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца од 9 септември, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ, информираат од Владата.

На работните места треба да се вратат и родителите на деца од шест до 10-годишна возраст, бидејќи тие деца се вклучени во воспитно – образовниот процес во училиште, без разлика на начинот (со физичко присуство или од далечина) на кој детето ќе ја следи наставата во училиштето.

Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика (МТСП) да испрати писмено укажување до сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.

На Министерството за труд и социјална политика му се препорача да укаже на детските градинки да стапат во контакт со родителите чии деца се запишани, а не се донесени за престој во детските градинки во овој период, за да може да се обезбеди престој и за други деца, доколку има место и за оние кои имаат потреба да ги згрижат децата иако работат од дома, се вели во свладиното соопштение.

Во соработка со единиците на локалната самоуправа и државните институции, МТСП да ги разгледа можностите и доколку постои слободен неискористен простор истиот да се намени за згрижување на деца од оние детски градинки од подрачјето на општината каде што ќе биде потребно.

На денешната владина седница е прифатен и Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.