Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски по средбата во Владата меѓу претставници на Владата и опозицијата за Предлог-законот за јавното обвинителство, со кој треба да се регулира и статусот на СЈО, изјави дека со опозицијата биле отворени темите за финансирање на Обвинителството воопшто и темата за одговорноста на обвинителите.
Тука имаме приближување на ставовите, во делот на зголемувањето на Буџетот што би го имало Обвинителството во Република Македонија. Значи да го зголемиме Буџетот на Обвинителството, како би добиле поголема самостојност како орган. Разговаравме и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и на самите обвинители. Во овој момент имаме приближување на ставовите, мислам дека тука можеме да изнајдеме заедничко решение во Законот, рече заменик-министерот Ристовски.
Тој додаде дека состаноците и разговорите за Законот за јавното обвинителство, кој е во собраниска процедура, а за кој меѓународната јавност даде позитивна оценка за текстот, ќе продолжат и во текот на оваа недела и дека измените кои ќе се договорат, ќе одат амандмански во Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.