Поради кодошите на УДБА преживеавме лични и семејни трауми. Никогаш не можев да воспоствам квалитетен однос со мојот татко, ќе рече синот на доајенот на македонското глумиште Васил Шишков, жртва на соработникот „Драматург“.

Васил Шишков, синoт на починатиот актер Ристо Шишков, со дозвола од Комисијата за верификација на фактите го доби досието на татко му, еден од жртвите на тајните служби на поранешниот режим.

На негово барање, Васил Шишков го доби целосното досие, без покриени имиња на инспекторите и соработниците на тајните служби кои го кодошеле татко му. Тоа значи дека син му на големиот актер Ристо Шишков ќе ги дознае имињата на луѓето кои го следеле и кодошеле неговиот татко и наредбодавачите на тајната служба. Така, се до јули 2013 година Васил и не знаел дека кодошот на татко му е Владимир Милчин.

Осуден за македонски национализам: По излегувањето од затвор почина Ристо Шишков

Во 1979 година, накодошен, бил обвинет од тогашните власти за навреда на ликот и делото на Јоспи Броз Тито и осуден како македонски националист, сепаратист и хегемонист на 15 јануари 1980 бил однесен во затвор.

Во Музејот на македонска борба Шишков е претставен како седи во кафеана и тоа во моментот кога со тупаница ја крши сликата од Тито на маса! Фигурата е веројатно изработена според познатата и никогаш до крај точно непотврдена приказна за Шишков, дека наводно ја скршил сликата од Маршалот. Поради таквите случувања кои се одвивале за време на снимањето на „Време, води“ на Бранко Гапо, Шишков беше осуден. Прво, во 1979 беше обвинет за навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на Тито, по што е осуден од Окружниот суд од Битола на 90 дена затвор, по однос на двата прекршока, но по вложената жалба пресудата е скратена на два месеца, казна која Шишков ја одлежува во почетокот на 1980 година. Веројатно од многу поголема казна го спасуваат адвокатите со образложението дека велел „ј***м ти то“, а не „ј***м Тито“.

Другиот дел од приказната вели дека на снимањето во селото Ташмаруништа во Струга на филмот „Време, води“ по испиена поголема количина алкохол за време на снимањето и по него ги навредувал хрватските и српските колеги со зборовите “Што барате во Македонија да доаѓате за дневници, ајде сите назад”. Шишков бил испровоциран и од коментарот на колегата Звонко Лепетиќ: „Како можат овие Македонци да живеат како Цигани“. На тоа Шишков реагирал бурно и му рекол да не дава такви изјави бидејќи во моментот македонската мајка која ги храни во трошна куќа во Ташмаруништа не го заслужува тоа.

Интересно е што по издржувањето на затворот, Шишков ниту правно ниту политички не трпи никакви импликации од тогашната власт. Потоа две години не игра, за во „Лет во место“ во Кумановски театар да направи улога за награда на фестивалот „Војдан Чернодрински”, која, како што се раскажува, му е одземена со чудна одлука.

Од планината на гневот до најдолгиот пат

Ги издржа неправдата што му ја нанесоа кодошите, пресудата од комунистичкиот режим и затворскиот живот во Идризово, но немоќен беше пред болеста: на 17 јули 1986 година во Скопје почина истакнатиот македонски актер Ристо Шишков.

Роден е во 1940 година во селото Мрсна, Серско, во Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко минале 4 години затвор на Крит, а во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци од Егејска Македонија. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој го минал детството и се школувал.

Шишков имал намера да студира атомска физика, но се премислил, па во 1962 година дипломирал на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума.

По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар.

Во својата кариера играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, „Води“, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, како и повеќе радиодрами. Добитник е на театарската награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“.

Во негова чест, по осамостојувањето на Република Македонија, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Артистот Шишков зад себе остави многу брилијантни театарски и филмски улоги, за кои освои голем број награда. Еве некои од нив:

Во 1967 на ФФАО во Ниш, Специјална награда за улогата во „Планината на гневот“, а на истиот фестивал во 1976 година е добитник на Повелба за машка улога во „Најдолгиот пат“.

Шишков оствари и многу улоги во филмската продукција на Македонија: 1966: „До победата и по неа“ (главна улога); 1967: „Каде по дождот“ (споредна улога); 1967: „Македонска крвава свадба“ (главна улога); 1968: „Планината на гневот“ (главна улога); 1969: „Републиката во пламен“ (главна улога); 1971: „Црно семе“ (главна улога); 1972: „Истрел“ (главна улога); 1975: „Јад“ (споредна улога); 1976: „Најдолгиот пат“ (главна улога); 1981: „Црвениот коњ“ (главна улога); 1984: „Нели ти реков“ (главна улога).

На театарската сцената го наследи неговиот син Васил Шишков кој, исто така, почина прерано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.