Ве охрабруваме и вас и земјите членки на Европската Унија да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите, порача помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент, Филип Рикер, во писмо до премиерот Зоран Заев.
Писмото на Рикер е испратено на 27 ноември, а завршува со порака „Се најубаво“, напишана рачно на македонска кирилица.
„Високо ги оценуваме вашите напори да ги водите разговорите во духот на добра волја и да одржувате посветеност во обезбедувањето европската иднина на Македонија која земјата покажа дека ја заслужува“, нагласува амбасадорот Рикер во писмото.
Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент истакнува дека САД остануваат посветени во поддршката на Македонија за нејзините интеграции кон ЕУ. Тој изразува разочарување што земјите членки на ЕУ не постигнаа согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на ЕУ.
„Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Македонија за време на германското претседателство со ЕУ“,потенцира Рикер.
Тој додава дека САД ги следат и разбираат предизвиците и сложените прашања низ кои поминува процесот и истакнува дека Македонија и досега покажала дека не отстапува кога е неопходно да се завршат успешно потребните процеси за да се обезбеди одржлив мир, сигурност за просперитет за своите и за граѓаните на соседните земји.
Рикер нагласува дека Македонија тоа го докажа со постигнувањето на договорот од Преспа и со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година, со кои беа поставени темелите за посилни односи меѓу двете земји.
Во писмото до премиерот Заев се нагласува дека САД се надева дека овие процеси ќе резултираат со одржување на континуитетот на Македонија на патот кон ЕУ.
„Остануваме ваши партнери оптимисти дека меѓувладината конференција со Република Македонија за време на германското претседателство со ЕУ ќе се одржи наскоро“, се вели во писмото на Рикер.
„Ве охрабруваме и вас и земјите од ЕУ да барате решение за билатералните прашања надвор од интеграцијата на Северна…
Posted by Zoran Zaev on Sunday, 29 November 2020
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.