Во деноноќието меѓу четвртокот и петокот се регистрирани 934 новозаразени со коронавирусот од 2.748 тестирања, што е најголем број на инфицирани во едно деноноќие од почетокот на пандемијата. Пет лица се починати, а 434 се оздрвени.

Од петмината починати, тројца се од Скопје (58, 68 и 75 г) и двајца од Прилеп (73 и 78 г). Сите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на оздравени пациенти е 20.448, на починати е 982, а бројот на активни случаи изнесува 9.058. Во болниците ширум земјава се хоспитализрани 678 позитивни или суспектни пациенти на Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на скопскиот аеродром, при примањето на донацијата од 60 респиратори од НАТО, изјави дека очекува резултатите од новите мерки да дојдат по три до четири недели.

Циклусите на промена и резултатите од воведените мерки не само кај нас, туку и во многу други земји доаѓаат по три до четири недели. Толку е циклусот на еден тренд на намалување на трансмисијата на вирусот до видливиот пад на детекција на бројот на заболени. Такви се и нашите очекувања иако е неблагодарно да се даде прогноза, рече Филипче, додавајќи дека кај овој вирус има многу непознати, па така, дел од предвидувањата, не само кај нас туку и во светот не се остварија.

Филипче нагласи дека во овие студени есенски денови многу е важно секој од нас да се грижи за сопственото здравје.

 

Прекривката на устата и носот, маска, марама, шал овозможува да дишеме топол воздух, да не се најдеме во група во која има носител на вирусот и да се избегне штетното влијание на ПМ10 честичките за кои има докази дека му овозможуваат на вирусот да патува подалеку од вообичаениот пат на флигиовата капка за време на зборувањето, вели Филипче.

Тој посочи дека тие аргументи на стручните лица им укажале оти, сепак, маски на отворено мора да се носат. Но, како што рече, нема логика тие да се носат на места каде со седење се одржува дистанца, како на пример, во рестораните. Филипче смета дека со мерката носење маска на отворено ќе се намали бројот на новозаразени и ќе се спречи трансмисијата на вирусот.

Полицијата во претходното деноноќие во државава изрече 928 санкции за неносење маска.

Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата, со цел справување со Ковид-19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.