Иван Поповски, македонскиот режисер кој живее и работи во Москва, му упати отворено писмо на премиерот Зоран Заев во кое директно му се обраќа за спорниот хотел во охридската викенд населба Лагадин. Во писмото Поповски му укажува на Заев дека некој го става во целосна заблуда околу спорната изградба на хотелот.
„Ви се обраќам по повод Вашиот јавно-приватен дијалог со инвеститорот на спорниот хотел во Лагадин, бидејќи длабоко верувам дека Вашите помошници/советници не Ви објасниле дека криминалот за хотелот во Лагадин е направен не кога му е дадена дозвола за градба, туку претходно, кога е противзаконски донесен Општ акт за Лагадин. Општо акт не може да се донесе во места каде што постоел детален урбанистички план (кој за Лагадин постои од 1966 година). Деталн урбанистички план може да се промени само со нов детален урбанистички план, но никако со понизок документ, како што е општ акт.
Некој Ве става во целосна заблуда. Не е точно дека во Општина Охрид има „мечка” што го малтретира „чичко Никола” и не му дава да си го доизгради хотелот, туку има некои исплашени мечиња што со судни маки сакаат да ѝ се спротивстават на мафијата и со поддршка на граѓаните и граѓанскиот сектор да направат да излезе на виделина „грешката” што е направена за Лагадин, а која понатаму ќе се шири и ќе го уништува целото непроценливо природно и културно богатство на овој дел на планетава и на нашава татковина.
Ги прочитав Вашите изјави и ветувања до „чичко Никола”. Многу бев и сум револтиран. Пред 3 години, ќерка ми Павла, му пишуваше писмо на еден друг, во тоа време многу поважен, чичко Никола. Непосредно пред да го објавиме писмото, јас ја убедував дека треба да почекаме, дека се појави еден нов чичко Зоран и дека тој ќе даде сè од себе за да ги запре глупостите од чичко Никола (сега веќе сигурно ви е јасно за кого станува збор). Срам ќе ми биде од ќерка ми кога ќе разбере дека сум ја излажал. А како што тргнало, наскоро ќе разбере. И тогаш не Ви гине едно вакво писмо, а можеби и полошо – порасната е. Се мислев дали да чекам, ако со ваква моќна поддршка овој новиов чичко Никола стане градоначалник на Охрид, па тогаш да го објавам писмото, ама си викам, еднаш згрешив што не го објавив и да не ја повторувам грешката“ пишува во отворено писмо Поповски.

Во неговото писмо тој го објави и писмото на неговата ќерка, која го моли Груевски да не го гради хотелот, да се реши проблемот со канализацијата и отпадните води, да не се уништува Галичица. Тоа писмо не било испратено, но оваа прилика се обелоденува и истото се однесува на Заев.
„Сепак верувам дека моите ќерки и нивните помали и поголеми комшии, другари и гости ќе се израдуваат и ќе Ви пишуваат писма и разгледници со израз на благодарност кога ќе се соберат во летото 2019 во Лагадин и наместо хотелот, таму ќе видат зачнато убаво паркче со млади липи или дабови или јасени, со клупи и цвеќиња. Замолете ги Вашите помошници/советници да Ви покажат фотографија од објектот, ги има по интернет од нашите протести. „Објектчето за семеен бизнис” – за почеток ќе видите дека дотичниот отворено Ве лаже, а кој лаже треба да проверите што уште друго таму прави и кој му помага итн. Претходната власт направи сè за сериозно да го загрози статусот на Охрид како светско наследство на УНЕСКО. Ама тоа сите ќе го заборават. И сите ќе паметат која власт го изгуби“, додава Поповски во писмото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.