Бугарија еднострано ги присвои светите браќа Кирил и Методиј. Политичката, а не научната одлука на бугарскиот парламент со којa од сесловенски Кирил и Методиј станаа бугарски просветители сериозно ја поткопува доверата и самиот Договор за добрососедство и го анулира тоа што досега е договорено.
Како што дознава „Република“ од свои извори, двете комисии лани постигнале договор и двете влади ги усвоија нивните препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, но како словенски просветители и христијани.
При тоа, во основата на постигнатиот договор не станува збор за никаква национална припадност, туку Кирил и Методиј се прикажани како сесловенски и христијански просветители.
Политичката одлука на Парламентот во Бугарија на светите браќа им дава национален предзнак и значење, со што се прекршува препораката за заедничко чествување.
Ова не е првпат сериозно да се поткопа довербата меѓу двете страни. Првпат се случи уште минатата година кога македонската комисија предложи во првиот текст за содржината за заедничкото прославување на Гоце Делчев да се утврди датумот кога биле пренесени моштите на Делчев од Софија во Скопје за заедничко чествување, што веднаш бугарската комисија го предаде на политичари и следуваа нивни негативни реакции.
По најновата одлука се доведува во прашање и понатамошната работа на комисијата која по подолга пазуа треба да продолжи со работа овој месец бидејќи отворено се поставува прашањето какви гаранции ќе има ако се постигне договор за други личности и настани, а после тоа бугарската страна со политичка одлука на нивниот Парламент да одлучи нешто друго, а со тоа го прави и Договорот за добрососедство бесцелен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.