Последниот извештај на Репортери без граници за сите земји во светот е објавен денеска, Македонија бележи подобрување од две места во глобалниот индекс, но се соочува со критики за заканите и нападите кон новинарите и медиумите, јави дописничката на МИА од Брисел.

Организацијата за слобода на медиумите и заштита на новинарите во светот нагласува дека ситуацијата со медиумите се влошува во сѐ повеќе земји во светот и дека пандемијата од Ковид-19 се злоупотреби за да се ограничи работата на новинарите.

Најдобро котирана останува Норвешка петта година по ред, следуваат Финска, Данска и Шведска. На дното се Cеверна Кореа на 179-то место, потоа Туркменистан и Кина.

Македонија од 92 се искачи на 90-то место во глобалниот индекс, но описот на состојбата е критичен за 2020 година, а земјата е полошо пласирана од Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, но подобро од Србија, Црна Гора и Бугарија.

Како поради пандемијата така и поради парламентарните избори.

Ситуацијата со медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да им се закануваат и да навредуваат медиуми, а сајбер вознемирувањето и вербалните напади кон новинарите се зголемија на социјалните медиуми. Сето ова послужи да се засили добро вкоренетата култура на неказнивост, пишува Репортери без граници за состојбата со слободата на медиумите во Македонија во 2020.

Организацијата забележува и дека пандемијата, како на многу други места во светот, ја усложни работата на новинарите на терен.

Медиумските организации силно се противеа на разните предложени амандмани за законот за аудиовизуелни медиуми кои би овозможиле државно рекламирање во медиумите. Тие се противат на ова врз основа на фактот што тоа ќе охрабри клиентелизам, стои во освртот на Репортери без граници за Македонија.

Според невладината организација, промените во кривичниот законик кои ги подготвува Министерството за правда би требало да донесат поголема заштита за новинарите во државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.