Зоран Заев и СДСМ со асистенција на Али Ахмети и ДУИ, денес по втор пат ќе го испратеа во затвор поранешниот премиер Никола Груевски. Правниците велат сѐ се одвива со политички монтирано обвинение и пресуда. Да беше во Македонија експремиерот сега ќе се беше зад решетки, онаму каде што се наоѓаат лица осудувани и притворени за разни дела во периодот додека тој раководеше со земјава. Ќе беше со припадниците на Диво Насеље и други терористи и бандити кои веројатно чекаа жив да им падне во раце во затворот во Шутка. Припадниците на криминално терористичката банда која планираше серија терористички акции на фреквентни локации во Македонија во 2015 година, заради што и беше неутрализирана од полицијата, уште првиот ден кога им паднаа во раце ги нападнаа поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и јавно на социјалните мрежи објавија дека Груевски ќе го нашле и на крајот на светот.

Денеска Апелациониот суд ја потврди пресудата за случајот Шамари. Правниците велат објавената пресуда нема правна логика, коментираат дека и самите судии се свесни за тоа, но, како што посочуваат, кој ги прашува нив во ова време во кое тие се сведени на извршители на политичката елита.

Сепак, нивната вина е што прифатиле да бидат инструменти на СДСМ и Зоран Заев и да носат затворски пресуди за политички мотивирани предмети, одлуки кои во некое поинакво, реформирано и независно судство, не би ги донеле.

-Судијата на првостепениот суд Душан Јосифов сигурно е свесен дека донел политички мотивирана и монтирана пресуда. Сепак, реалната закана да биде разрешен од судија, го насочува без докази да го осуди со затвор Никола Груевски а останатите обвинети да ги прогласи за виновни со условни затворски казни, пред сѐ затоа што фокусот на политиката која во овој случај е судијата, не е на нив туку на Никола Груевски. Слично и во Апелацискиот суд Скопје каде и двете, формалната претседателка Лидија Димчевска и неформалната „претседателка” на овој суд судијката унапредена вон законските процедури – Тања Милева, која е сопруга на функционерот на СДСМ и заедно со нејзиниот сопруг се многу блиски куќни пријатели со семејството Заеви, се свесни дека извршуваат, односно диригираат политички мотивирани пресуди против опозициски луѓе од политиката, поточно кон главниот таргет на СДСМ-Никола Груевски.

Исто како што се свесни и претседателот на судскиот совет за овој предмет, судиката Лирие Елези Ајрулау која заедно со нејзиниот татко кој бил обвинител по потекло од Зајас, се блиски приватни пријатели и соселани на Али Ахмети. Јавна тајна е дека оваа судијка со помош на ДУИ ги има добиено сите досегашни вработувања и судски функции. Сигурно свесни се и другите двајца членови на советот Ѓоко Ристов, унапреден од основен суд во апелациионит суд во време на СДСМ, инаку близок роднина на поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски но очигледно ставен под контрола на СДСМ, и судијата Зоран Димитровски.
Сите тие се свесни дека се инструмент во рацете на власта, но заради сопствениот комодитет, позиција во општеството и судот и лагоден живот без проблеми и притисоци од власта, очигледно немаат голем проблем да судат со затворски казни без елементарни докази, со цел да удоволат на политичарите – коментираат правниците кои се вклучени во овој предмет.

Претседател на судечкиот совет и в.д. Претседател на врховен суд во време кога е одлучувано за предметот “Тенк” Фаик Арслани

Тие сметаат дека и пресудата на Врховниот суд за предметот наречен „Тенк” за блиндираниот мерцедес, Заев ја има издејствувано преку пулените на ДУИ на Али Ахмети во Врховен, кои, како што велат, се тројца од вкупно петтемина кои суделе во тој период за предметот на Груевски под службено име “Тенк”, и тоа во време кога в.д. претседател на врховниот суд е Албанец – Фаик Арслани, протежиран и контролиран од ДУИ.

Ова говори дека Али Ахмети заради остварување на своите партиски и етнички политички цели за кои Заев беше секогаш попустлив, немаше проблем свесно да му асистира при неговите прогони на неговите потенцијални политички противници и тоа со затворски казни за нив. “Ти мене едно министерство повеќе, јас за тебе Груевски во затвор”. Тоа е реформираното судство денес во Македонија – велат правниците.

Ставот на одбраната и на обвинетите за случајот „Протести во општина Центар” е добро познат на јавноста:

Протести Општина Центар

1. Груевски е обвинет и осуден на една и пол година ефективен затвор за протестите пред општината Центар на кои се скршени 3 или 4 стакла на прозорци од бараките на општината, исто како што една година претходно демонстрантите на СДСМ скршија прозорци пред градот Скопје кога градот на седница на советот ги менуваше имињата на дел од улиците во Скопје. Тогаш на таа власт која ја нарекуваа режим на памет не и паѓаше да го осуди со затворска казна лидерот на опозициската партија заради скршените прозорци или стравот и неизвесноста што го почувствувале советниците на ВМРО-ДПМНЕ, од луѓето на СДСМ кои дивееја пред бараките на градот. Ниту пак нешто слично се случи со оние кои повредија и испратија во болница 40 полицајци на протестите пред Владата, на 5 мај 2015 година со кратената и манипулирана снимка за убиството на Мартин Нешковски, ниту пак за палењето на канцеларијата на Претседaтелот во истиот период, во зграда со огромен број станови, чии животи ќе беа загрозени ако пожарот се проширеше.

Протести Шарена Револуција 2016 година

2. На Груевски сега се препишува дело поттикнување на насилство бидејќи советниците на СДСМ за време на протестите добиле чувство на страв и неизвесност, што во Законот е предвидено како насилство, а тој поттикнувач на насилство. Истите тие советници, заедно со тогашниот градоначалник Андреј Жерновски беа сведоци на обвинителството во судскиот процес каде и оркестрирано изјавија дека Груевски не бил на протестот, но го чувствувале неговиот дух.

Протести 5 мај 2015 година

3. Протестите беа организирани од движењето “Веритас” а народот беше повикан на протести пред Општината, од преставник на МПЦ, Владиката Агатанѓел бидејќи беше јасно дека со поништување на деталниот урбанистички план, меѓудругото се цели кон запирање на градба на црквата Св. Константин и Елена во Центарот на Скопје, која е обнова на истата таква срушена за време на земјотресот во 1963 година и која првично требаше да се гради на линијата на плоштадот Македонија каде и била некогаш, но по насилните протести на соросовите невладини организации и група радикални исламисти се префрли на 200 метри по јужно, кај поранешното кино Култура.

4. Никој од советниците на општина Центар не беше повреден.

5. Штетата од скршените стакла беше проценета на околу 23-24.000 денари или приближно 400 евра.

6. Единствениот доказ против Никола Груевски беше наводен телефонски разговор со Миле Јанакиески кој во тој момент немал никаква партиска функција, во кој разговор тој наводно во момент на лутина му вели дека некој треба да му удри 3-4 шамари на градоначалникот Андреј Жерновски, што никогаш не било сторено, ниту пак имало обид за тоа, иако, ако навистина демонстрантите биле организирани од Груевски за таа цел, имале можност да го сторат тоа.

7. Непостои доказ дека Миле Јанакиевски по наводниот разговор со Груевски дал некаква инструкција некому да организира протести преку партијата и непостои доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е организатор на тие протести одржани десетина дена после тој наводен разговор меѓу Јанакиески и Груевски.

8. Аудио снимката е прифатена како доказ и е единствен доказ против Груевски, иако во Законот експлицитно и ден денес стои дека незаконски прибавени докази не можат да бидат докази во судска постапка, ниту пак докази кои се копии не споредени со оргиналот може да се докази, како што се сите аудио снимки на СЈО/ОЈО во сите предмети против поранешните раководни лица на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем се уверивме и зошто е тоа така напишано во законот за кривична постапка од снимката за Мартин Нешковски. Верзијата на снимката објавена од Заев во времетраење од околу 4 минути оставаше впечаток дека Груевски се обидува со Јанкуловска да го прикријат убиецот, но од целосната снимка објавена од Ел Чека, во времетраење од 12-13 минути, станува јасно токму обратното: дека Груевски и Јанкуловска разговараат како побрзо да се пронајде и изнесе пред лицето на правдата човекот кој го убил Мартин Нешковски.

9. Граѓаните ги свика на протест висок преставник на МПЦ, Владиката Агатанѓел, кој не го крие тоа, но судот одби тој да биде сведок во овој процес. Всушност судијата Душан Јосифов ги одби сите предлози за сведоци на одбраната на Груевски, која одбрана, односно адвокат, во отсуство на Груевски ги избра и ги постави самиот судија Душан Јосифов, кој секако се вклопува во “реформираното судство” на СДСМ и Заев.

10. Ако за ваква работа се праќаа луѓе во затвор, досега третина Македонија која за нешто протестирала требаше да е во затвор и сите до еден политички лидери кои ги организирале и по некогаш кога не ги организирале тие протести, требаше да бидат во затвор, а демократијата тотално задушена. Пресудата е и чекор кон заплашување на правење протести во иднина, што е загушување на демократијата.

Кратко кажано, пресудата е класична политичка монтажа за политичко-судски прогон на поранешниот водач на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата на Република Макеоднија кој 11 години пружаше отпор во намерите за промена на името, идентитето и историјата на Македонија, кои пак Заев веднаш по своето доаѓање, на тацна им ги даде на Грците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.