Со задолжително носење на маски, мерење на температура и дезинфекција пред влез, од септември сите основци и средношколци ќе се вратат во училишните клупи. За превенција во објектите ќе бидат забранети секакви контакти за поздравување и меѓу вработените и меѓу наставниците а редари постојано ќе демнат дали се почитуваат мерките. Неофицијално, според информации на Сител, ова е дел од протоколот за учебната година кој треба да биде на дневен ред на следниот состанок на Комисијата за заразни болести. Не смее да има мешање на ученици од различни паралелки а тоа ќе важи и за кабинетската настава каде просторијата по излегувањето на едната група ученици ќе мора да биде дезинфицирана пред да влезе другата. Под посебен надзор ќе бидат и училишните трпезарии и фискултурните сали во кои во исто време може да биде само едно одделение. Често проветрување и чистење на просториите како и избегнување на уредите за климатизација и вентилација ќе бидат дел од обврските за училишата.

За министерката Мила Царовска ова е најпосакуваното сценарио за сите, но доколку има влошување на ситуацијата има уште две опции за настава.

– Сите во Владата, сакаме учебната година да започне со физичко присуство, но системот за образование е подготвен за три сценарија: првото е целосно отворање на училиштата, согласно протоколите здравствени, за сите одделенија и сите години. Тоа е најпосакуваното сценарио за сите нас. Другото е да имаме дел од учениците со физичко присуство, од прво до четврто одделение, останатите да одат онлајн. Имаме и трето сценарио кое укажува дека можеби во не толку критична состојба за целосно затворање, да имаме поделба во групи, една недела една група ученици, друга недела друга група. За сите три сценарија Министерството за образование и наука ќе биде подготвено од 1-ви септември, изјави Мила Царовска, министер за образование.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.