Меѓу актерите за формирањето на референдумското прашање е и Никола Поповски. Според негова колумна претседателот Глигоров кај себе повикал неколкумина од партиите „врз кои можел да се потпре“.
На состанокот се дискутираше по три сродни, но тешки прашања за референдумот: дали, кога и со кое референдумско прашање? Колку што се сеќавам, на тој состанок немаше големи разлики и по повеќе часови разговори, се дојде до единствен заклучок дека: 1. референдум мора да се одржи и дека за тоа ќе се оди пред Собранието со конкретен предлог за што ќе се бара поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од ПДП; 2. референдум да се одржи најбрзо колку што може, бидејќи Уставот веќе беше во фаза на подготовка, а тој термин логично беше да се одреди уште во првата недела по завршувањето на одморите и почнувањето на учебната година. Изборот беше меѓу 1 и 8 септември, па така се дојде до датумот – 8 септември, како посоодветна за поголем одѕив; 3. референдумското прашање мора да се состави и предложи заедно со одлуката за референдум, за што, всушност, се дискутираше најдолго и се дојде до решението, кое е познато и кое требаше да ги содржи сите елементи за успешен референдум и недвосмислено изјаснување за самостојност на Македонија. Околу 14 часот се даде пауза за да се состави прецизниот текст на референдумското прашање. Таа задача ни припадна на мене и на Зоран Крстевски. По околу еден час работа, се вративме со готов и прецизен текст со сите детали и тоа беше последното околу што се постигна целосна согласност на тој состанок. Понатаму е познато за јавноста“, пишува Поповски.
Оттука Никола Поповски ја реализира желбата во референдумското прашање да стои нелогично дополнение за повторен сојуз со југословенските држави.
Одлуката за распишување референдум за независност на Република Македонија е донесена на 6 август. Подготовката за референдумот се прави во моменти на голема поделеност во парламентот во кој се спори дали референдумот да се распише откако Собранието ќе прогласи независност, или, пак, референдумското изјаснување ќе биде основа за одвојувањето на Република Македонија. Притоа, се работи на нов текст за Уставот. Македонија пред Република го брише Социјалистичка. На таквата поделеност се надоврзува и отсуството на двете партии на Албанците во Македонија, кои имаат низа барања што почнаа да ги поставуваат уште од подготовките за редовниот попис во федерацијата.
Грција уште пред референдумот ја засилува антимакедонската кампања. Весниците пишуваат: „Грција им се заканува на сите што ќе ја признаат Македонија“. „Веднаш по евентуалното прогласување на независна Македонија, Грција да ја затвори границата и да ги прекине дипломатските односи со земјите што би ја признале како самостојна држава“, се додава. Голема збрка во Грција предизвикува пишувањето на американскиот печат. Исто така, и причината за престојот на министерот Малески во САД. Грчките сознанија велат дека САД заедно со другите ќе ја признаат и „скопската република“ и нејзиното право да се нарекува „Република Македонија“. Но тоа не е сѐ. Во следните десетина денови, грчката армија ќе има големи маневри на границата.
„Токму тогаш почнува големата воена вежба близу границата наречена ’Филопос‘ – а во неа учествуваат оклопна дивизија, пешадиски артилериски и специјални единици на армијата и авиони и хеликоптери на грчкото воено воздухопловство“, пишува „Нова Македонија“ на два дена пред референдумот.
Од фељтонот „Мрачното време на транзицијата“ – 1991 – година на сувереноста
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.