Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ апелира медицинските сестри да не бидат изоставени од здравствените тимови, особено од оние кои се наградувани, како во случајот со добитниците на наградата „13-ти Ноември“ што ја доделува Град Скопје за успешно извршување на првата трансплатација на срце во нашата земја.
Ние сме горди на сите колеги од тимовите, сите успеси се и наши успеси но, не можеме да го премолчиме фактот дека често се заборава дека во здравствените тимови спаѓаат и медицинските сестри. Впрочем ние сме и носители на здравствените тимови, најважната алка во целиот здравствен систем. Во моментов кога сè уште немаме закон за професијата и имаме само еден член во Законот за здравствена заштита кој не опишал како дел од здравствените тимови, деградирачки е дури и тој да не биде испочитуван, се вели во нивната реакција.
Тие ја прашуваат комисијата која за награда го одбрала тимот кој ја извршил првата трансплатација на срце – каде се медицинските сестрите на списокот?
Зарем тимот го сочинуваат само докторите? Инсистираме медицинските сестри да бидат достојно прикажани како што и заслужуваат. Доколку вие ја немате листата ова се нашите медицински сестри кои беа дел од тимот и на кои сме особено горди и кои претставуваат пример за професионалност на идните кадри:
мед.тех. Слаѓана Гроздановска,
мед.тех. Јелена Жарковиќ,
дип.мед.тех Имран Елези,
мед.тех. Мартина Караѓоска
и мед.тех. Кристина Николовска – инструментарки од УК за Државна Кардиохирургија;
мед.тех. Магдалена Станчева
и мед.тех. Анита Колевска – анестетичарки од УК за Државна Кардиохирургија;
мед.тех Александра Темелковска,
мед.тех. Бранко Чочек,
и мед.тех. Игор Каевски – перфузионисти од ЕКЦ тимот на Жан Митрев Клиник;
дип.мед.тех Катерина Ристовска
и дип.мед.тех. Александра Ристовска Тунев – инструментарки од Жан Митрев Клиник;
и дип.мед.тех. Весна Наумовска – анестетичарка од Жан Митрев Клиник.
Во оваа година на сестрите, додаваат, прогласена од Светската здравствена организација срамно е да се молиме за да ни се признае трудот, срамно е да го немаме законот за професијата и да бидеме само бројки за смена и ротација.
Покрај толку јавни епитети за нашата работа: островот на спасот, херои, промотори на здравјето, здравствени воспитувачи… недолично е се уште да бидеме на маргините и да се злоупотребува нашата трпеливост. Неколегијално и непрофесионално е да се одликува тимот за награда без медицинските сестри, истакнуваат од извршниот одбор на Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.