Алијансата „Разбистри сè“ реагира на дел од коментарите на претседателката на ДОМ Маја Морачанин во врска со разрешувањето на довчерашната директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ана Петровска. Според Алијансата, Морачанин ги злоупотребува наодите на Алијансата за работата на ДИЖС.
Во изминатиот период соработката со ДИЖС и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно и беше на високо ниво. Оттука, повикуваме да не бидат злоупотребувани наодите од нашата работа во насока на оправдување на разрешувањето на в.д. директорката, со што се подрива довербата на граѓанските организации во институциите. Истовремено, изразуваме жалење за одлуката на Владата да ја разреши директорката Ана Петровска, се наведува во реакцијата на „Разбистри се“.
Оттаму велат дека во Алијансата е вклучен и активно учествува Државниот инспекторат за животна средина, кој се приклучи како партнер уште во декември 2020 година. ДИЖС, како што се посочува, учествува во неформалното тело Граѓански инспекциски совет, кој се основаше со меморандум за соработка во јануари 2021 година, ае формиран со цел интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации во областа од животната средина и државниот Инспекторат, особено во делот на подобрување на инспекциските надзори и процедурите поврзани со нив.
Заедно со ДИЖС ја создадовме апликацијата за пријавување загадувачи, со што пријавувањето стана полесно за граѓаните. Во моментов се работи на создавање база на загадувачи со Б интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се подобри координацијата на инспекциските служби на државно и на локално ниво.За времетраење на кампањата, Алијансата излезе со повеќе извештаи и наоди за работата на институциите кои вршат надзор и контрола врз искористувањето на водата и минералните суровини, меѓу кои и за ДИЖС. Овие наоди и препораки беа објавени со цел подобрување на ефикасноста на инспекторатот и зајакнување на инспекциските надзори, а во ниту еден случај не претставуваат сеопфатна анализа за работата на ДИЖС во краткиот временски период во кој в.д. директорка беше Ана Петровска, се вели во реакцијата на Алијансата „Разбистри се“, во чиј состав се повеќе невладини организации и граѓански здруженија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.