По завршувањето на првиот ден од Самитот на ЕУ во Брисел, евентуалното проширување на Унијата не се спомена ниту на вечерашната прес-конференција на првите Жан Клод Јункер и Доналд Туск, кои се осврнаа само на постигнатиот договор со Лондон околу Брегзит.

Но, според информациите на репортерот на „Канал 5“ од Брисел, првиот ден од Самитот не е завршен, туку вечерва зад затворени врати, далеку од очите на новинарите и јавноста, лидерите на Европската унија ќе разговараат за сите отворени прашања, за коишто не успеаја досега да се договорат.

По наоѓањето на решение за Брегзит, проширувањето и започнувањето на преговори со Македонија е високо на агендата, додава репортерот Александар Видановски.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, побара пауза на состанокот, кој може да трае и до раните утрински часови.

Повикувајќи се на информации од ЕУ дипломат, пак, порталот „Нова“ пренесува дека Туск, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон „и неколкумина други“ во моментов седат заедно и подготвуваат текст за проширувањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.