Двете средни училишта каде Државниот просветен инспекторат утврди дека земале пари за пополнување на свидетелствата веќе одлучија да ги вратат. Исан Емини, директор на средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово, за Алсат изјави дека парите ќе бидат вратени во рок од 7 дена.

„Наставниците беа предупредени да не собираат пари, но тие беа собрани со согласност на родителите на учениците“, велат од Средното медицинско училиште „Никола Штејн“, Тетово.

Пари на децата ќе мора да им враќа и гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп.

„Парите во износ од 30 денари, земени од учениците за пополнување на свидетелствата по електронски пат, ќе бидат вратени на денот кога учениците ќе ги добијат свидетелствата. Тоа е така затоа што многу од учениците веќе ги започнаа летните одмори со своите семејства“, велат од гимназијата “Мирче Ацев”, Прилеп.

Народниот правобранител ги поздрави мерките на Просветниот инспекторат, но додаде дека тие треба да бидат уште построги за ваквите случаи да не се повторуваат во иднина.

Државниот просветен инспекторат пред неколку дена потврди дека биле земени пари од учениците за свидетелства во двете горенаведени средни училишта, а беа прегледани уште две други – гимназијата „Зеф Љуш Марку“ Скопје и средното економско училиште „8 Септември“ во Тетово. Инспекциите во нив следеа откако Унијата на средношколци реагираше дека децата биле принудени да плаќаат разни износи за свидетелствата компјутерски да им бидат пополнети. Инаку, многу ученици и воопшто нема да си ги добијат оценките. Од Бирото за развој на образованието, кое треба да ги обезбеди свидетелствата, соопштија дека се очекува тие да стигнат во рацете на учениците до крајот на годинава, а работата не била завршена наводно поради ситуацијата со корона вирусот. Оваа учебна година свидетелства добија само полуматурантите кои треба да се запишат на средните училишта и учениците кои треба да го продолжат своето образование во странство.

Извор: Алсат М


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.