Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар на Владата, на еден од хонорарно ангажираните соработници во Владата, од месечните примања од 80.000 денари, му земал секој месец по 500 евра, открило Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
За Рашковски и двајца од претходно осомничената група за незаконска набавка на софтвер кој не му требал на МВР, oбвинителството отворило уште една истрага, за друг незаконски набавен софтвер.
„Тројца од вкупно четворицата веќе осомничени лица, сториле уште две кривични дела за што надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе нова Наредба за спроведување истражна постапка против три лица. Првоосомничениот се товари дека во периодот од 2017-2019 година при спроведување на постапка за јавна набавка, потпомогнат од останатите двајца осомничени, ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, првоосомничениот со умисла помогнат од второосомничениот во периодот од 2019 – 2021 година за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ со што двајцата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од 2017-2019 година, првоосомничениот, како службено лице при спроведување на постапка за јавна набавка искористувајќи исти прилики, со умисла извршил две временски поврзани дејствија со помош на останатите двајца осомничени. Со преземените дејствија спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, за економски оператор прибавиле корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор за истата на износ од 6.455.816,00 денари со вклучен 18% ДДВ”, наведува Обвинителството за ГОКК.
Воедно, тимот истражители открил и дека без да се испочитуваат одредбите од Законот за јавни набавки, во втората половина на 2017 година, без спроведен постапка тендер, првоосомничениот Драги Рашковски извршил плаќање по разни основи на фирмата сопственост на третоосомничениот, во вкупен износ од 168.100,00 денари или 2.720 евра. Со тоа го оштетил Буџетот на Р.Македонија во вкупен износ од 6.623.916,00 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.