Жителите на Ласкарци се уште се потресени од она што го доживеаја вчера. Велат дека никогаш нема да ги заборават тие страшни часови по несреќата. Токму тие беа првите кои притрчаа да помогнат откако црвениот автобус со регистарски таблички ГВ 864 БТ се струполи на само неколку метри од нивните куќи.

Пискотници, лелек и плач одекнувале од сите страни додека мештаните со сите сили се обидувале да ги извлечат повредените од смачканиот автобус додека се чекале возилата на итната помош. Ним на помош им притрчуваа и луѓето кои се нашле на автопатот и веднаш ги запреле своите возила.

Сведоците раскажуваат дека дел од патниците излетале уште додека автобусот се тумбал, но тие во суштина имале и најмногу среќа – минале со полесни повреди. Најстрашно било во задниот дел кој е целосно згмечен.

Синоќешните плач и лелк, како и звуците на сирените денеска беа заменети со тишина. Автобусот кој го имаше своето последно патување беше кренат со кран и однесен на вонреден технички преглед. Останаа само расфрлани куфери, крвава облека и ситни предмети оградени со полициските ленти кои го обезбедуваат местото на трагедијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.