По тричасовната седница на Централниот одбор на ДУИ, партиското раководство го овласти лидерот Ахмети сам да носи одлуки, соопшти портпаролот на партијата Бујар Османи.
Членовите на Централниот одбор разговараа за тоа кои се интересите на граѓаните и интересите на државата. Се согласија дека продолжувањето на евроатлантскиот курс на државата е безалтернативна и дека е неопходно да се смогнат сите сили и да се направат сите напори со цел овој евроатлантски курс на државата да биде гарантиран, бидејќи е без алтернатива, како и да се продолжи со реализација на важните инфраструктурни проекти кои се започнати, а се значајни за подобриот стандард и подобриот живот на граѓаните. Едногласно Централниот одбор го овласти претседателот Ахмети да продолжи да разговара со сите политички партии како важен и одлучувачки фактор после парламентарните и локалните избори со цел да се задржи овој прогресивен пат и овој евроатлантски курс на државата, притоа разговарајќи со сите политички партии со двата блока освен тие што се против овој евроатлантски курс, против стратешките интереси на граѓаните и државата, изјави Бујар Османи.
Тој потенцираше дека со тоа овластување кое го има од Централниот одбор, Ахмети продолжува да разговара со претставници на другите партии со цел да се одржи политичката стабилност.
Тие разговори се со цел да државата оди напред, на патот кон реформите се разбира во блиска консултација со нашите стратешки партнери. Земјата е членка на НАТО и има одговорност за овој Сојуз и во тој дух во консултација со партнерите сакаме да им упатиме порака на граѓаните да бидат спокојни затоа што како што секогаш сме знаеле да го зачуваме овој курс на државата да бидеме заштитници на оваа држава, да бидеме сидрото на евроатлантските вредности така ќе продолжиме и ќе обезбедиме сигурна иднина на граѓаните, рече Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.