Бугарскиот претседателот Румен Радев, вчера во Брисел изјави дека се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за страт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, додека во исто време од Варшава полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау порача дека за Полска нема дилема оти земјава треба да почне преговори со ЕУ.

Радев во Брисел, каде учествуваше на Самитот на Унијата, истакна дека се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за европскиот пат и почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, но дијалогот на највисоко работно ниво меѓу Софија и Скопје треба да продолжи што е можно поскоро.

Јас многу јасно ја искажав бугарската позиција. Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на Република Македонија и Албанија. Бугарија е најголемиот пријател на Република Македонија, но патот до нивната европска перспектива поминува претежно низ Софија и ова треба да биде јасно – изјави Радев во Брисел, каде учествуваше на Самитот на Унијата.

Според бугарскиот претседател, политичкото раководство на земјава „треба да се стимулира да бара дијалог“ со Бугарија.

Да, поддршката на ЕУ е важна, но најважна е поддршката на Бугарија, а за да се случи тоа, треба да седнеме мирно и искрено на масата и да ги прецизираме сите проблеми меѓу нас и како да бидат решени. Ние сакаме да видиме одржлив и неповратен процес, а не само декларации – додаде Радев.

Во исто време, новиот бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев најави дека негов прв приоритет ќе биде враќање на довербата и интензивирање на билатералниот дијалог меѓу Бугарија и Македонија.

Ние сме отворени за дијалог. Она што е потребно е постојаност, конструктивен став во дијалогот и можам да кажам дека целта е да се постигнат одржливи и неповратни резултати во воспоставувањето на довербата меѓу двете земји – изјави Стоев.

Тој истака дека бугарската политика кон Македонија е доследна и оти предлагаат продлабочување и рестартирање на дијалогот и тоа да биде од двонасочна перспектива.

Се работи на враќање на темата во нормалните европски формати, каде треба да се разгледаат тие прашања меѓу државите членки на Европската Унија и каде што ќе се дадат гаранции на Бугарија, дека тоа што е договорено на билатерална основа, ќе се исполнува и во иднина. Тој мониторинг од страна на ЕУ е гаранцијата дека билатералните договори што се потпишани и кои претстои да бидат потпишани, ќе бидат исполнувани. Тоа е тактиката, стратегијата. Ние очекуваме конструктивен дијалог од страна на Република Македонија – изјави Стоев

Тој најави дека еден од неговите заменици, Румен Александров ќе работи на приоритетите во областа на договорните односи и рамката за преговори со земјава и процесот на проширување на Европската Уија.

Шефот на полската дипломатија Рау, пак, на средба со министерот Бујар Османи ја реафирмираше цврстата поддршка на Полска за почнувањето без одлагање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и изјави дека недвосмислен консензус околу ова прашање постои и на ниво на Вишеградската група, со која Полска претседава до 30 јуни годинава.

Полска цврсто стои на ставот дека процесот на пристапување мора да биде радикално забрзан и ние мораме што е можно побрзо, а најдобро оваа година да ги отвориме првите поглавја со Македонија и потоа ритмички да ги затвараме. Ние сме под позитивен впечаток за реформскиот процес на Владата во Република Македонија кои го приспособуваат политичкиот и општествениот систем на земјата кон стандардите на ЕУ, како и за обемот на транспортирање на законодавството со ЕУ во системот на земјата, кој е импресивен – изјави Рау.

Османи, од своја страна, изјави дека земјава продолжува да работи со уште позасилено темпо на реформската агенда, ставајќи посебен акцент на реализацијата на акцискиот план за мултисекторска соработка и надминување на постоечките разлики со Бугарија.

Морам да нагласам дека европската интеграција има позитивно влијание на процесот на трансформација на нашето општество, а згора на тоа претставува и трајна инвестиција во мирот и стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа и е во интерес на сите земји-членки поединечно – изјави Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.