Докторот по кинеска филологија Игор Радев во интервјуто за МКД.мк за актуелните јазични прашања со Бугарија вели дека правото на слободно носење одлуки за вакви прашања е дел од дефиницијата на државен суверенитет, и тука нема што некој од страна да се меша.

На прашањето каде е проблемот на Бугарија во однос на македонскиот јазик, Радев вели дека еден од основните извори на проблемот е во пренагласеното чувство на истоветност, коешто во Бугарија акутно се негува во однос на Македонија.

Значи, сè што е сврзано со Македонија од историски, културен и јазичен аспект мора да биде квалификувано исклучиво со придавката „бугарско“. Следствено, во таква една атмосфера станува немисливо дека во Македонија може во официјално својство да се употребува јазик што не е означен како „бугарски“, туку како „македонски“.

Општествената свест во Бугарија, можам да речам дека во тоа е и доста искрена, на психолошко рамниште на Македонија и на сè македонско гледа безмалку како на ампутиран дел од сопственото тело. Многу тешко е да се прифати дека Македонија сега опстојува веќе како посебна нација, точно, многу блиска, но со свои атрибути, вклучително и јазикот. Токму ова доведува до трагичен заплет во приказната. Имено, на моменти се добива впечаток дека Бугарија тежнее такаречи да нè задуши во „прегратка“, да нè „влее“ во себеси, но со таа постапка го постигнува токму спротивниот ефект, па колку што таа повеќе стега, толку оној што е „прегрнуван“ пожестоко се оттргнува, дејство што „прегрнувачот“ го смета за изневерување, за кое сака да се одмазди. Знам, звучи доста заплеткано, вели Радев.

Целото интервју на МКД.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.