Дали пука владиното и онака тесно мнозинство предводено од СДСМ и премиерот Зоран Заев и изброени му се деновите за водење на државата? Ова е логично прашање откако може да се забележи дека се почести се несогласувањата помеѓу коалиционите партнери, но и дека власта веќе шест месеци мака мачи да обезбеди кворум во парламентот.
Како што може да се види веќе неколку гласања на закони кои сакаше да ги протурка власта беа одложувани затоа што немаше кворум од минимум 61 пратеник. Но проблемите на СДСМ да ги има на располагање сите пратеници од мнозинството излегоа на површина при гласањето на интерпелацијата за вицепремиерот Никола Димитров кога дури 7 пратеници не се појавија да му дадат поддршка.
Но дека, нешто не штима во владиното мнозинство може да се види и од јавните настапи на коалиционите партнери кои се почесто даваат изјави спротивни на ставот на СДСМ.
Најгласен од сите е Павле Трајанов, пратеник и лидер на Демократски сојуз кој не се согласува со власта за многу клучни и актуелни проблеми во државата. Така на пример Трајанов вчера во неговото интервју дадено за Сител ТВ, рече дека Македонија е високо криминализирана држава, а кај власта нема волја за справување со криминалот и корупцијата. На истата тема тој во октомври рече дека токму затоа што младите гледаат дека криминалот и корупцијата се високи, тоа е причината поради која и сакаат да си заминат од државата.
Но, тоа не е единствената тема на која тој не се согласува со СДСМ и премиерот Заев. Тој не се согласува со СДСМ по однос на пописот, преговорите со Бугарија, како и новиот Концепт за основно образование. Така веднаш после скандалозното интервју на премиерот Заев за бугарската агенција БГНЕС, Трајанов се огласи во јавноста дека Македонија и Бугарија немаат заедничка историја и тоа не смее да се прифати.
Ние немаме заедничка историја со Бугарија и да го тврдиме тоа, значи дека ја прифаќаме нивната теза дека сме еден народ и со одлука на Коминтерната сме Македонци и токму затоа нашите претставници не треба да тврдат дека имаме заедничка историја, рече Трајанов кој за предметот историја додаде дека воопшто не треба да се размислува за негово укинување и тој мора да биде засебен предмет како досега.
Тој воедно посочи и дека Законот за попис има многу пропусти. За ТВ 24 рече дека овој Закон не предвидува да дознаеме колку жители има тука во Македонија.
Покрај Трајанов се погласни се несогласувањата и со ДОМ. Лилјана Поповска екс претседателот на партијата, која се уште е највлијателна личност во истата, се изјасни дека Царовска ја турка реформата во образование под маса и без поддршка од стручната јавност, воедно реагираше дека предметот историја не смее да биде укинат. Поповска реагираше и на веста, дека ќе се емитува бугарска телевизија во Македонија, но бурна беше нејзината реакција на интервјуто на премиерот Заев.
Ужас до болка. Ако на ЕУ и треба вакво национално и ментално самоубиство, тогаш ЕУ каква што ја почитуваме и посакуваме, престанала да постои!? Неприфатливи се вакви изјави од македонски политичари за сериозни прашања! Во чие име се зборува? Никој нема мандат за ова!, напиша Поповска, коментирајќи ги ставовите на премиерот Заев за БГНЕС.
Крајот на ова владата на СДСМ, наголемо ја најавува и ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски во повеќе негови јавни настапи периодов посочува дека доаѓа крајот владеењето на СДСМ и Заев и дека партијата е во преговори за формирање на ново владејачко мнозинство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.