Нафтената компанија „Пуцко Петрол“ од селото Пласница, која е во сопственост на синот на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, Асмир Јахоски доби нов државен тендер, овој пат на Министерството за внатрешни работи за 82.600.000 денари, или 1.343.089 евра за снабдување со мазут и екстра лесно гориво.
Пред само речиси две недели истата фирма доби тендер во вредност од 13.239.024 евра на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за снабдување со нафтени деривати.
Доколку се провери на електронскиот систем за јавни набавки може да се забележи дека фирмата „Пуцко Петрол“ е потписник на повеќе тендери, односно според информациите истата само во 2017 и 2018 година склучила договор за 395 тендери во вредност од 34,56 милиони евра.
И покрај сериозните сомнежи за злоупотреба на државните пари со делење на тендери на синот, но и неговото политичко влијание како пратеник на ДУИ и дел од парламентарното мнозинство во македонското собрание, не се доволен услов за Државната комисија за спречување на корупција да покрене постапка и да го испита случајот дали добиените тендери се спроведени на претходен транспарентен начин преку постапка за јавна набавка.
Одредени информации говорат дека има сериозен сомнеж за злоупотреба на државните пари бидејќи е многу чудно што на неколку тендери само фирмата „Пуцко Петрол“ се јавува како единствена фирма со понуда а на дел немало ниту електронски наддавања.
Најчести муштерии на оваа фирма се токму државните институции, болници, општини, министерства, па така „Пуцко Петрол“ е потписник на тендерот за снабдување на гориво за греење и на Вила Дојран, Комплекс вили Охрид, Вила Попова Шапка, Вила 2 Скопје, Вила 3 Скопје и Клубот на Републички органи – Скопје, тендерите на ЈСП Скопје вреден 15,3 милиони евра, гориво за службените возила во Министерството за правда вреден 34 илјади евра, гориво и масло за греење од 150 илјади евра за Охридската болница, масло за греење за болницата во Струга во вредност од 100 илјади евра, општина Студеничани, Агенцијата за храна и ветеринарство, општина Сарај, Управата за јавни приходи и многу други
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.