Што мислат психолозите за најавените реформи во образованието за дигитализација на учебниците?
Доц. д-р Атанас Кирјаковски, кој предава психологија и когнитивни науки на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, а магистерските и докторските студии ги завршил на Универзитетот „Кобе“ во Јапонија, во колумна за Факултети со жалење контатира дека наместо да се води искрена, суштинска и научна дебата околу квалитетот на образованието на децата и младите, министерката Мила Царовска симулира квазидебата со повторувањето на разноразните општи флоскули и „шарени стакленца“, притоа своеглаво терајќи си со „реформите“.
Бидејќи како когнитивен психолог сметам дека ваквите реформи непосредно, радикално и, пред сѐ, прекутрупа ја модификуваат самата методологија на наставата, морав да направам еден концизен научен преглед и да предупредам во првиот дел од оваа колумна за можните последици по психофизичкото здравје на децата и младите доколку невнимателно и избрзано се донесе новиот закон со кој се наложува драстично зголемување во употребата на дигиталните уреди од страна на адолесцентската популација во и надвор од наставата. Во вториов дел зборувам за заблудите околу дигиталните технологии, за т.н. „дигитални домородци“ и за дилемите кои ги отвораат научните истражувања околу употребата на дигиталните технологии во однос на учењето, детското внимание и академскиот успех. Вниманието е особено важен когнитивен механизам за фокусирање, селектирање и организирање информации кој во дигиталната доба се соочува со сериозни предизвици на дигитално живеење и затоа мора „економично“ (домаќински) да се користи. Особено кога станува збор за децата чие внимание поминува низ развојни фази следејќи го биолошкиот развој на нивниот мозок, пишува во колумната за Факултети доц. д-р Кирјаковски
За разлика од телевизијата, радиото и другите традиционални дигитални технологии, електронските уреди како компјутерите, таблетите и телефоните, без кои не би можело да се учи и следи наставата доколку стапи во сила предлог-законот за учебниците, се дизајнирани за т.н. „мултитаскинг“ и постојана поврзаност со интернетот, објаснува Киријаковски и дава толкување на терминот „мултитаскинг“.
Си велите, „добро, каде е тука проблемот?“ Проблемот е во тоа што нашите когнитивни капацитети и ресурси се ограничени (особено нашето внимание) и со зголемувањето на бројот на задачите и активностите што ги правиме истовремено, нашата ефикасност опаѓа, а се прават и повеќе грешки во исполнувањето. Тоа има сериозни импликации за учењето.
Според некои истражувања што ги цитира Киријаковски, 8–18-годишниците во САД во просек поминуваат 7 часа и 38 минути на разноразни забавни медиуми преку своите уреди, а истовремено една третина од тоа време вклучува и мултитаскинг (на пр., слушаат музика додека сурфаат на интернет или се на чет со своите другарчиња додека гледаат телевизија). Податоци за Македонија не постојат.
Група научници од Универзитетот во Амстердам, по ревидирањето на 56 трудови на темата, доаѓаат до заклучокот дека мултитаскингот за време на наставата или учењето е асоциран со понизок академски перформанс, негативни ставови и однесувања кон учењето. Дополнително, помалку или повеќе негативно ја засега когнитивната контрола и способноста да се задржи вниманието и оние што практикуваат мултитаскинг на своите уреди имаат тешкотии во фокусирањето и посветувањето на една активност. Понатаму, младите што пријавиле во испитувањата висок степен на мултитаскинг, подоцна покажале пониска емоционална благосостојба и проблеми со спиењето. Врз основа на овие корелации, се плашам дека принудувањето на учениците претежно да учат од електронски уреди кои стимулираат мултитаскинг и со тоа го пренасочуваат вниманието кон непродуктивни активности ќе има негативни последици врз нивното знаење и успех.
За разлика од дигиталните медиуми, печатените медиуми не дозволуваат паралелна работа (или е сосема ограничена), што во контекст на учењето е нивната силна страна. Децата што учат од печатени учебници имаат помала можност истовремено да прават повеќе работи одеднаш со својот учебник, што ги зголемува шансите да го задржат вниманието на материјалот пред нив.
Францускиот министер за образование Жан-Мишел Бланкер дава слични аргументи за законот кој стапи во сила во септември 2018 година, со кој Франција ја забрани употребата на телефоните од страна на учениците додека се наоѓаат на училиште. Запрашан зошто основците до својата 15-годишна возраст (до деветто одделение) нема да можат да ги употребуваат овие уреди на училиште, месју Бланкер одговара дека отстранувањето на телефоните од училницата ќе доведе до подобро фокусирање и концентрација кај учениците, подобро меѓусебно социјализирање и избегнување децата да денгубат на социјалните медиуми.
Студија направена на училишта од четири града во Англија кои своеиницијативно ги забраниле мобилните телефони покажува зголемување на академскиот успех кај учениците одредено време по забраната, и уште поинтересно, подобрувањето на успехот било најголемо кај учениците што претходно покажувале најлоши резултати.
Во нашиот случај, проблемот е што предлог-законот ги дефинира дигиталните учебници како примарни, а не секундарни алатки во наставата и министерката Царовска ги замислува таблетите како едни од главните уреди кои би ги замениле печатените учебници. Доколку се прочита и одговорот од страна на Министерството за образование и наука на прашањата од иницијативата „Учебници и настава мора да има“, се гледа дека мотивот за вака предложените реформи се „слабите постигнувања на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС“, што значи дека министерката и МОН претпоставуваат дека дигиталните учебници, примарно дистрибуирани преку таблети, во иднина ќе доведат до подобри ПИСА-резултати кај македонските ученици. Но самата претпоставка дека таблетите ќе доведат до подобрување на академскиот перформанс е произволна и на стаклени нозе. Доколку таа логика би била валидна, во САД, на пример, и покрај тоа што според Pearson употребата на таблетите и другите дигитални уреди во образованието енормно расте, последниот ПИСА-извештај за САД покажува дека успехот по трите параметри – читање, математика и наука – останува „без значајно подобрување или влошување“.
Податоците за Јужна Кореја, пак, која од 2012 година воведе дигитални учебници во образованието, укажуваат на опаѓачки тренд во перформансот според последниот ПИСА-извештај за земјата, иако нивните ученици сѐ уште котираат високо над просекот во споредба со остатокот од светот. Но спротивно од САД и Јужна Кореја, во Шведска, како една од најдигитализираните земји во светот, ПИСА-резултатите покажуваат подобрување по 2012 година. Ваквите разлики меѓу земјите покажуваат дека процесите на дигитализација се културолошки сензитивни и различно се одразуваат во различни култури. Затоа, со доза на претпазливост и скепса треба да се пресликуваат искуствата од другите земји и не треба априори да се мисли дека ако нешто функционира во некоја друга земја и во друг социо-економски контекст, дека тоа по правило ќе функционира и во Република Македонија.
Конечно, што се однесува на употребата и на другите дигитални уреди во наставата, како што се компјутерите на пример, оваа високоцитирана студија покажува дека употребата на лаптопи за време на предавањата кореспондира со послаби резултати во учењето затоа што го попречува вниманието и одзема од времето посветено на лекцијата, а повеќето од студентите признаваат дека трошат значително време употребувајќи ги лаптопите и за други активности неповрзани со учењето. Уште позагрижувачки е тоа што други студии забележуваат дека мултитаскингот на лаптоп не го нарушува учењето само за корисникот на лаптопот, туку го одзема и вниманието на другите во негова близина, нарушувајќи го и за нив процесот на следење на лекцијата.
Целата колумна ТУКА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.