Во тек е медицинско опремување на објектот (на поранешната гинеколошка болница „Мала Богородица”, сегашен хотел „Ибис Стајлс”), што Клиничката болница „Аџибадем Систина” го отстапи за хоспитализација на пациенти со ковид-19, соошти оваа болница. Капацитетот на објектот e 100 болнички легла. Дел од опремата и кадарот ќе бидат покриени од Клиничката болница „Аџибадем Систина” и Клиниката „Жан Митрев”, а ќе управува државата.

Се подготвува и техничката документација за станица за кислород што ќе биде поставена надвор од објектот со цел опслужување со кислород на пациентите кои ќе бидат хоспитализирани. Во тек се и преговорите околу начинот на кој ќе функционира овој ковид-центар, согласно договорот меѓу Министерството за здравство и приватните клиники за меѓусебна соработка во борбата со ковид-19, информираат од болницата.

Во моментот, како што посочуваат, се бара правно решение за издавање дозвола за функционирањето на оваа здравствена установа како ковид-центар и доколку навремено бидат завршени правните работи се очекува во објектот првите пациенти да бидат примени од почетокот на идната недела.

Со ковид-центарот ќе менаџира Министерството за здравство, односно државата, кои ќе одлучуваат кои пациенти ќе се третираат тука и каква терапија ќе добиваат. Согласно договорот ќе се третираат и хоспитализираат пред се пациенти со полесна и умерена клиничка слика, додека пациентите со потешки компликации ќе се третираат во ГОБ „8 Септември”.

Капацитетот на објектот e 100 болнички легла. Дел од опремата и кадарот ќе бидат покриени од Клиничката болница „Аџибадем Систина” и Клиниката „Жан Митрев” согласно договорите со Фондот за здравствено осигурување. Пациентите кои ќе се третираат во објектот ќе добијат услуги на исто ниво како што добиваат и пациентите во овие две приватни здравствени установи. Секоја болничка соба ќе биде опремена со максимум два болнички кревети, клима уред, безжична интернет конекција, телевизор и посебна бања, потенцираат од болницата.

Цената за лекувањето која државата ќе им ја исплаќа на приватните болници за оваа намена, според утврдениот ценовник од Фондот за здравствено осигурување изнесува 100 евра од ден по пациент, додека трошоците за тоа се доста поголеми. Имено, приватните болници освен што медицински ќе го опремат просторот ќе обезбедат и заштитен материјал, основни медикаменти, плати за лекарите и медицинскиот персонал кој ќе работи таму, лабораториски анализи на дневно ниво, како и немедицински потрошен материјал (струја, вода, чаршави, крпи и храна за пациентите), а ќе треба да се набават и дополнителни рендген и ехо апарати. Првичната инвестиција изнесува околу 600.000 евра.

Во овој ковид-центар ќе работат пет доктори, 30 медицински сестри, осум болничари и друг медицински персонал, осум лица за обезбедување, шест лица администрација и 12 лица болнички персонал. Најмногу кадар ќе обезбедат „Аџибадем Систина” и Клиниката „Жан Митрев” зависно од тоа колку средства добиваат согласно договорите склучени со Фондот за здравствено осигурување, а двајца доктори ќе назначи Министерството за здравство, додаваат од болницата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.