Армијата на Република Македонија како 30-та земја членка на НАТО од денеска, со 44 нејзини припадници, ќе учествува во мисијата КФОР во Косово. Првата ротација е составена од штабни офицери и вод за обезбедување, кои ќе бидат распоредени во главната команда на мисијата и командата „Запад“.

Со присуство на највисокиот воен и државен врв во касарната „Илинден“ во Скопје денеска беше одржана воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Македонија во мисија на КФОР.

Пред нас можеме да ја видиме нашата НАТО Армија, пред нас се 44-мина, посветени мотивирани и храбри припадници на Армијата на Република  Македонија кои рамо до рамо, еднакви помеѓу еднаквите ќе го покажат сето она што го знаат и сите оние вештини и знаења пред своите колеги од сојузничките земји во мисијата КФОР – рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната свеченост по повод испраќањето на првата ротација од нашата Армија во рамките на мисијата на НАТО на Косово.

Покажавме, истакна Шекеринска, кои се нашите квалитети на многу далечни места и од сега ќе го покажеме нашето вистинско место и во регионот. Членството во НАТО, како што додаде, значи безбедност и стабилност за нас, значи сигурност под колективниот чадор на Алијансата, но ние тоа членство го чувствуваме како голема одговорност.

Ние покажавме дека ги споделуваме истите вредности како и Алијансата уште од 2007 година кога започнавме со логистичка поддршка на оваа НАТО мисија – рече министерката и дополни дека сега на оваа поддршка додаваме нова вредност – нашите припадници, искусни, мотивирани, опремени и подготвени да дадат суштински придонес кон силите на КФОР.

Претседателот на државата Стево Пендаровски посочи дека ова наше учество во мисија предводена од НАТО е јасен показател за нашата намера да бидеме активен и ангажиран член на Алијансата и за нашата намера да придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.

Не постои ниту една моја средба во сите овие години со високи претставници на НАТО, и цивили и генерали, на кои тие не зборуваа со посебен респект за квалитетот на македонските контингенти и во Авганистан, каде што го чувавме седиштето на мисијата во Кабул и за нашето учество во борбени мисии од кои многу наши војници се вратија со највисоки странски одликувања за покажаната храброст – рече Пендаровски.

Иако сме членкa на НАТО од март годинава, како што истакна, нашиот рејтинг во Алијансата е висок, а заслугата ви припаѓа, пред сè вам, почитувани војници и старешини, затоа што во континуитет покажувате врвна професионалност и целосна посветеност на оваа благородна професија.

Иако времето е кусо, придобивките од членството во НАТО се веќе видливи во покажаната солидарност за време на пандемијата, како и во заедничкото спротивставување на хибридните закани кои стануваат се повидливи. Се разбира, никој нема илузии дека членството во НАТО ќе ги реши сите наши проблеми, но, без сомнение, станува збор за клучна претпоставка за понатамошен развој и просперитет на земјата – рече Пендаровски.

Вашата мисија, како што истакна шефот на државата, има и додадена вредност, затоа што одите во земја која е наш сосед и пријател и со која не врзуваат длабоки историски, културни и економски врски. Верувам дека присуството на македонскиот контингент на Косово уште повеќе ќе ги продлабочи тие односи.

Премиерот Зоран Заев на свеченоста по повод испраќањето на првиот контингент на Армијата на Република  Македонија во мисијата КФОР на Косово истакна дека оваа мисија има посебно значење бидејќи нашата Армија за прв пат директно учествува во мисија како 30-та земја членка на најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот.

Додаде дека пред упатувањето во оваа мисија припадниците на првиот контингент на Армијата што заминува да исполнува задачи во мисијата КФОР на Косово, поминаа низ потребниот процес на обука, подготовки и селекција каде се извежбуваа и обучуваа за изведување на задачи кои ги очекуваат за време на мисијата.

Армијата на Република  Македонија, синонимот и чуварот на македонскиот суверенитет и државност, ја докажа својата подготвеност, интер-оперативност и способност за извршување на најтешки задачи, во досегашното 18 годишно учество во мировните мисии „Исаф“ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во мисиите „Слобода за Ирак“, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина“ и „Унифил“ во Либан – рече Заев.

Премиерот Заев посочи дека  Македонија е целосно посветена на своите обврски како нова земја-членка на НАТО, вклучително и во поделбата на товарот, и придонесува како достоен сојузник. Ќе продолжиме да се вклучуваме во операциите и мисии на НАТО и да се прилагодуваме на безбедносните приоритети.

И покрај предизвиците за економијата поради пандемијата, остануваме доследни на исполнување на обврската да го зголемиме буџетот за одбрана за 0,2 отсто и да достигнеме 2 отсто од БДП до 2024 година.Важен дел од ова издвојување, околу 50 отсто, се за подобрување на стандардот на професионалците од Армијата, 30 отсто се предвидени за повеќе и подобри обуки и тренинзи, а околу 20% се наменети за модернизација на Армијата – рече тој.

Според него, со тоа ќе ги зајакнеме капацитетите и можностите на нашата армија со подобрување на професионални стандарди на нејзините припадници, и со тоа ќе го зголемиме нашиот придонес за интер-операбилност со другите сојузници во НАТО.

Првиот контингент се состои од 44 припадници кои ќе работат како штабни офицери во главната команда во Приштина и ќе ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад. Нашиот придонес ќе продолжи да расте во тек на 2021 година – веќе во следната ротација, планот е бројот на припадници во КФОР да се зголеми на над 60 припадници, а од идното лето заедно со нашиот долгогодишен партнер Националната гарда на Вермонт од САД, надвор од воспоставените ротации придонесот во период од 9 месеци да се зголеми со над 100тина припадници на Армијата. Вкупно од идното лето во мисијата КФОР ќе придонесуваат околу 180 наши војници, подофицери, и офицери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.