Провокативен наслов на кој му недостасува уште нешто, безрезервна лојалност имам кон идејата за Македонија и кон владеење на правото, вели професор Гордана Силјановска Давкова, заблагодарувајќи им се на „Фокус“ за „укажаната можност да зборувам за себе, за моето семејство, за вредностите кои ги имам!“.

Во текстот со наслов „Која е Гордана Силјановска Давкова – приватно: Ни на сопругот не сум му ветила безрезервна лојалност, а не пак на некоја партија!“, професор Силјановска зборува за нејзиното семејство, за улогата на мајка, сопруга, жена која минува време во кујната и средување на дворот, вегетаријанка која не вози автомобил и практикува јога.

Фамилијата ми е едно од најважните нешта во животот. Во 1995 година од фамилијарни причини не заминав на пост-докторски студии на North Western University во САД. Не зажалив. На коментарот на професорот дека сум го изненадила со балканскиот менталитет, му одговорив: Не можам да работам на мир, думајќи ги двете деца, едно од 11, а друго од 6 години. Со маж ми сум од трета година гимназија. Можеби затоа на студентите им велам: ако политиката е уметност на можното, бракот е уметност на неможното, но вреди да се вежба брачната уметност;од вљубеност, преку љубов, пријателство, почитување, борба на ставови, компромиси, битка со проблеми, уживање во радости, драма.

 

Се разбира, мојот поглед на бракот не е формула, зошто секој(а) има право на живот по свое. Знам прекрасни личности, мажи и жени, без традиционални семејства, или без деца. Бракот не е мерило за успешност или среќа во животот. Секој има право на сопствена перцепција и визија на личната среќа, како што мудро запишале татковците – основачи на американскиот устав. Посакувам и ние да ги прошириме хоризонтите. По повеќе од три децении заеднички живот со Благоја, ќе кажам: ние се обидуваме да докажеме дека бракот е уметност на неможното. Обајцата сме правници. За време на студиите се натпреварувавме. Како момче и девојка се вработивме како асистенти на Правниот факултет. Јас останав, а тој замина и се зафати со правнички работи во различни сфери. Сега е во пензија. И нашите две деца, Павле и Марија се правници. Обајцата беа извонредни студенти, за кои, речиси никој не знаеше дека ми се деца. Марија е мажена и живее со нас. Павле живее со Деница, но речиси нема ден, а да не нѐ посетат. Не се на државни јасли и не работат во струката. Се снаоѓаат како што знаат. Марија, откако работеше како келнерка, шанкерка, книговезец, секретарка, сега се бави со филигран, а Павле е инструктор по скијање, изработува лулиња во дрворез, свири на пијано и кавал.

 

Не можам, а да не кажам дека ниту еден член од моето пошироко семејство, како и од поширокото семејство на мојот сопруг не е вработен во државна институција. Со свекрва ми, тивко посакуваме да ни се прошири семејството, ама не смееме гласно да го кажеме тоа, за да не упаѓаме во приватниот живот на нашите деца. Ќе заборавев: кучето и мачето се дел од нашето семејство и на мене имаат огромна терапевтска моќ.

Од дете живеам по свое. Бунтовник сум, се повикувам и борам за правда, секаде и секогаш. Се разбира, како и секој човек, понекогаш морав да правам компромиси, но никогаш не се предадов себеси и своите уверувања. На пример, на почетокот на младешката врска со маж ми, направив голема отстапка, па наместо последната година од гимназијата да ја поминам во САД, јас се вљубив и сметав дека ја „открив“ Америка во Скопје. Една година потоа, се откажав од намерата да студирам медицина и решив да студирам право.

 

Еманципацијата си дојде со годините и со успесите, како одговор на животните предизвици. Признавам дека знам да бидам „тврд орев“, ако ми е загрозено правото на мислење и на свој животен пат. Инсистирам и ја почитувам рамноправноста во бракот. Им се чудам и смеам на злонамерните „предвидувања“ дека ќе сум и била лојална на партијата што ме кандидирала. Па, јас ни на сопругот не сум му ветила безрезервна припадност и лојалност, а не пак на некоја партија! Тоа го знаат оние со кои сум учела и другарувала, моите колешки и колеги, членовите на некогашната Либерална партија, министрите од Владата од 1992-1994, домашните. Инсистирам на слобода и ја бранам слободата на другите. Никогаш не се покорувам на нешта спротивни на мојот морален кодекс или принципот на правдата, по ниту една цена.

Целото интервју со кандидатот за претседател на Македонија, прочитајте го на „Фокус“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.