Платформата за родова еднаквост утре со почеток во 14:30 часот организира протестен марш, на кој ќе бидат соопштени барањата до институциите за темелно расчистување на случајот „Јавна соба“ и за сеопфатен пристап во справувањето на државата со родово базираното насилство, кое во разни форми е широко распространето и вкоренето во нашето општество.
Маршот ќе започне пред Министерството за внатрешни работи, преку бул. Јордан Мијалков, бул. Кочо Рацин, Кеј Димитар Влахов и ќе заврши пред Основното јавно обвинителство.
Од „Платформата за родова еднаквост“ велат дека ќе се обратат до јавноста и институциите, а ги охрабруваат и жртвите на „Јавна соба“, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса за да проговорат и побараат правда.
-Сметаме дека целосното разрешување на овој случај е шанса за институциите да покажат дека и во пракса се залагаат за женските права и безбедноста на жените во онлајн и физичкиот простор. Затоа,
· Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство;
· Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени;
· Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик;
· Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции, велат од „Платформата“.
На маршот ќе се почитуваат сите здравствени протоколи за превенција од Ковид-19.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.