Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше проштална средба со амбасадорот на Француската Република, Кристијан Тимоние, на која биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека тие се карактеризираат со пријателство и меѓусебна доверба.

Претседателот притоа, како што соопшти неговиот кабинет, истакна дека Македонија во Франција гледа сојузник во остварувањето на стратешките цели.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство што за време на четиригодишниот мандат на амбасадорот Тимоние двете држави станаа сојузници во НАТО, и беше донесена одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски го истакна значењето на поддршката што Франција ја дава на европската перспектива на Македонија и на регионот, посочувајќи дека по усвојувањето на новата методологија за водење на преговори, на државите-кандидати им е овозможено интеграцијата во ЕУ да се одвива преку имплементација на темелни реформи, се вели во соопштението.

Пендаровски му се заблагодарил на амбасадорот Тимоние за севкупниот негов дипломатски ангажман во нашата држава и му посакал успех на личен и на професионален план.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.