Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини изјави минатата недела дека ЕУ сега е соочена со Македонија која го реши спорот за името со Грција. Но, пишува австриски „Ди пресе“, повикувајќи се на европски дипломат, тој аргумент е на стаклени нозе.

Промената на името никогаш не беше услов за проширување, туку само за членствотото во НАТО, истакна европскиот дипломат и додал дека реформскиот процес во Македонија и Албанија не се одвива добро

Инаку, весникот „Ди пресе“ денес објави дека неколку земји-членки на ЕУ се против почнување преговори за членство на Албанија и Македонија. Според весникот, оваа порака денес амбасадорите на земјите од ЕУ ќе му ја пренесат на комесарот за проширување Јоханес Хан на редовниот неделен брифинг. Бидејќи одлуката се носи со консензус на 28. членки, се исклучува дека двете земји од Западен Балкан ќе направат чекор напред кон ЕУ, констатира весникот.

Притоа, во написот се истакнува дека дури и „посетата на Северномакедонскиот премиер Зоран Заев на Брисел не го смени расположението“.

Франција и Холандија се двете земји кои силно се противат на отворање преговори за членство со двете земји.

„Кога бев министер за надворешни работи го блокирав проширувањето на ЕУ за Албанија и за Македонија. Ние сме против и ќе останеме против. Тие географски се во Европа, вие мора да им помогнете, но не со проширување“, потенцира Натали Лоизо, лидер на листата на партијата на претседателот Емануел Макрон, Марш на Републиката.

Во однос, пак, на Албанија, Холандија оди и чекор понапред и треба да одлучи дали ќе ги укине визите за граѓаните на Албанија, прашање ко е ставено и на маса на Европската комисија.

Но, весникот констатира дека не се само Франција и Холандија противници на проширувањето, туку и во Германија и во Данска нема договор околу отворањето преговори за членство со овие две земји. Во Дaнска денес се одржуваат парламентарни избори на кои се очекува победа на социјалдемократите. Според партискиот лидер Мете Фредериксен партијата се придвижила цврсто кон десно, а тоа значи и сменет курс на надворешната политика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.