Адвокатот на Зијадин Села се заканил со тужба до Мирјана Најчевска доколку професорката не се извини за коментар на фотографија реобјавена на нејзиниот профил на „Фејсбук“ профил.

Се работи за коментарот дека „Албанците во Македонија многу сакаат пеперуги и дека го промовираат знаковниот јазик на глувонемите. И гледаме дека имаат недостаток од жени“.

Најчевска, откако ѝ се јавил адвокатот Абидин Абдули, реши да се извини.

Јас ја користам приликата јавно да им се извинам на сите глувонеми и луѓето кои го употребуваат знаковниот јазик. Сум била во грешка, тоа што луѓето на фотографијата мафтаат со рацете не бил знак на пеперуга, туку нешто друго (што, тоа си е нивно да си кажат и објаснат). Значи – нема пеперуги и Албанците не сакаат пеперуги и не го промовираат знаковниот јазик. Сум била во грешка. Промовирале нешто друго (што, јас навистина не би можела да знам од мафтањето со рацете).

Исто така им се извинувам и на жените Албанки за кои тврдам дека не се на фотографијата. Од поставеното барање за извинување и од останатите реакции кои ги добив можам да заклучам дека тие всушност биле таму (на фотографијата) само не се гледаат (најверојатно биле маскирани, па не се забележуваат). Значи, голема е веројатноста на фотографијата да нема недостаток на жени туку да има вишок на жени.

Со ова мислам дека ја извршив својата должност за извинување на оние кои сум можела да го повредам со мојот ФБ статус.

Бидејки Села не е ниту глувонем, ниту пак жена, мислам дека не спаѓа во овие две категории на луѓе кои сум можела да ги навредам. Ако спаѓа во било која од овие две категории – и нему му се извинувам (по било кој од двата спомнати основи), напиша Најчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.