Јас сум оптимист со искуство и мислам дека уште година-два ќе се занимаваме со ова заболување, но се надевам дека нема да биде во онаа форма во која беше, изјави денеска професорот на Фармацевтскиот факултет д-р Александар Димовски од Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ при Македонската академија на наука и уметност (МАНУ).
Професорот Димовски и министерот за здравство Венко Филипче апелираа на масовна вакцинација на населението во Македонија со цел да се спречи шириењето и заразата со ковид-19 и соевите што произлегоа од коронавирусот. Димовски и Филипче истакнаа дека нема потреба да се затвора државата, туку дека е важно што поголем број граѓани да бидат вакцинирани.
Вакцинацијата спречува тешка форма на болеста. Дури и да е некој вакциниран и се зарази, ќе помине со блага клиничка слика и еден ден температура, а тоа не е од големо значење за здравствениот систем. Нема потреба да се затвора државата“, изјави проф. д-р Димовски.
Министерството за здравство соопшти дека во земјава веќе се регистрирани 7 случаи на делта сојот на ковид-19.
Станува збор за два пара семејства, кои немале премногу контакти. Ситуацијата во земјава е мирна и засега нема потреба од нови рестрикции, изјави денеска Филипче.
До крајот на неделава ќе се сретнат со Комисијата за заразни болести и ќе разговараат за воведување на рестрикции, евентуално би станало збор за тестови и потврди за вакцини кои ќе се бараат на границите за влез во земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.