Техничката влада која треба да биде изгласана утре го добива финалниот изглед откако СДСМ го прифати предлог-техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Наќе Чулев, врвен професионалец од Агенцијата за разузнавање со успешна и богата кариера, треба да го наследи најконтроверзниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој пак заминува на премиерското место во техничката влада.
Чулев почитуван во безбедносната сфера – Спасовски продолжена рака на Заев

Смената во врвот на МВР несомено ќе се почувствува. Заминувањето на Спасовски ќе остави многу отворени случаи, нерешени убиства, криминални пресметки, скандали.
Чулев е професионалец кој работи во Агенцијата за разузнавање, а по вокација е дипломиран криминалист со постипломски студии по мир и развој, на Институт за одбранбени и мировни студии на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Тој е ново лице во политиката, но не и во секторот на безбедносни прашања. Тој работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Чулев е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.
Во периодот од 2013 до 2017 година бил директор на Агенцијата за разузнавање, а следните две години е генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно во 2017- година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.
Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во амбасадата на Република Македонија во Анкара Турција од 2003 до 2007 година.

Оливер Спасовски е магистрант по управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во неговата биографија е појасно изразена партиската работа отколку службената и професионалната.
Во 2000 година работел како адвокатски приправник. Од 2001 до 2005 година работи како советник на градоначалникот на Куманово. Од 2008 до 2011 година работи како секретар на општина Куманово.
Во периодот 2006-2008, 2011-2014 и 2016-2017 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија.
Од 11.11.2015 година до 18.05.2016 година и од 02.09.2016 година до 29.12.2016 година бил министер за внатрешни работи, а на 31 мај 2017-та по трет пат е избран за министер за внатрешни работи.
Најголема поддршка има само од членовите и партиски симпатизери на СДСМ.
Спасовски, според безбедносните експерти важи за еден од најнеуспешните министри кои Македонија ги имала. Во неговиот мандат се случуваат низа нерасчистени убиства, ликвидации, пресметки, тепачки, насилства, кражби, реваншизам…Ниту една силна битка против криминалот не го одбележа работењето на Спасовски на оваа функција.
Што го одбележа работењето на Спасовски?
Потсетуваме на дел од работите кои се случија додека Спасовски е министер:
- Убиството на Мартин Јанушев и бегството на убиецот и нарачателот. Откако речиси две години полицијата не можеше да го најде, Филип Секуловски, сам се пријави во затвор, а Спасовски си го припиша како успех.
- Убиството на Мартин Нешковски беше една од главните теми во кампањата пред избори на СДСМ. Убиецот на Нешковски е во бегство, а тоа е уште еден од „успесите“ на Спасовски.
- Монструозното убиство на Пино Секондо. Момчето повеќе месеци се водеше за исчезнато. Потоа се обелодени дека е убиен, а беше познат и човекот кој го сторил ова кривично дело. Но, тој не е во затвор, туку е во бегство, македонската полиција не може да го пронајде.
- Убиството на Никола Саздовски. По 19 години казна затвор добија Бесир Беља и Скендер Демири за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски, а првообвинетиот Ј.Љ. се уште е во бегство.
- Огромен број на осудени криминалци добија амнестија и излегоа од затвор. Сега тие се низ улиците, а секојдневните кражби и напади очекувано се поврзуваат со оваа одлука донесена во време на Спасовски.
- Се случува најголемата афера во Македонија „Рекет“. Специјалната јавна обвинителка заедно со сопственик на телевизија го прават „Рекет“. Бизнисмени биле жртва на рекетирање поради моќта на Катица Јанева, а државата не направи ништо да ги заштити. Блискоста на Спасовски со првоосомничениот Боки 13 е очигледна. Во „Рекет“ гласно се спомнуваат имињата на високи функционери од власта, но засега никој од нив не е осомничен иако има индиции дека биле постојано во контакт со Јовановски.

- Млад сопственик со млада фирма, доби ексклузивен бизнис со возачки дозволи тежок стотици илјади евра. Авто испитен центар Скопје, од конкурс ги елиминираше АМСМ, АСУЦ Боро Петрушевски, ПСС и Ауто Македонија. Фирмата на младиот сопственик е регистрирана на 19 јуни 2018, со минимален паричен влог од 5000 евра, а конкурсот на МВР на кој што и победи беше објавен на 25 јуни истата година. Серафимов лиценцата од МВР ја доби на 5 години.

- Заташкување на насилството од партиските локални моќници. Градоначалникот на Шутка, Курто Дудуш крвнички претепа човек и го држеше како заложник, но никому-ништо. Спасовски го заташка овој случај и Дудуш не одговараше за ништо.
- Груевски бега од Македонија и добива азил во Унгарија.
- Убиства среде бел ден, како тоа на „Рузвелтова“ остануваат нерешени. Се зборува дека сторители се лица од подземјето на кои дури ни Спасовски не им може ништо.
- Афератa „Жолто комбе 2“ е афера во која што постојат индиции дека вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР нуделе работа, со ресурси и комбиња на МВР оделе во десетина земји членки на НАТО и ЕУ вршеле одредени недозволени дејности за трета земја која што не е членка на НАТО и ЕУ.
Врвен професионалец наспроти партиски војник. Во моментот кога Чулев ќе седне на столчето на Спасовски, МВР ќе добие стручно лице со богато реноме, а досега имаше на чело партиски колега на премиерот Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.